Швајцарскиот писател, претприемач и промотор на псевдонаучни теории на заговори Ерих фон Деникен починал на 90-годишна возраст во Швајцарија. Овој автор на светски бестселери тврдеше дека човештвото и цивилизацијата се развиле под влијание на вонземјани кои во текот на преисторијата ја посетиле Земјата.

Веста за смртта на 10 јануари објавена на неговиот официјален веб-сајт ја пренесоа од низа светски медиуми. Неговата ќерка Корнелија за швајцарската агенција СДА потврдила дека умрел од старост во болницата во Интерлакен.

Фон Деникен е роден 1935 година во Шафхаузен, Швајцарија. На почетокот на кариерата работел како угостител, од келнер до управник на хотел во Давос. При тоа неколку пати заглавувал и во затвор поради долгови, проневери и измами. Светска слава стекнал по издавањето на книгата „Кочиите на боговите“ во 1968 година, по што има објавено над 50 книги кои се преведени на над 30 јазици, за кои се проценува дека се продадени во над 70 милиони примероци.

Во 1970-тите и 1980-тите години Фон Деникен уживаше голема популарност во Југославија преку многубројните преводи на хрватски и српски. По распадот, неколку негови книги како „Боговите беа астронаути!“ и „Сеќавање на иднината : неразјаснети мистерии од минатото “ се преведени и на македонски.

Своите идеи ги комерцијализирал и преку видео продукција и основањето на „Паркот на мистерии“ (Mystery Park) до швајцарскиот град Интерлакен во 2003 година. Оваа деникеновска верзија на „Дизниленд“ во кој како мистерии биле претставени линиите од Наска, Стоунхенџ, египетските пирамиди и календарот на Маите бил затворен по три години поради слаб интерес.

Наспроти нивната огромна популарност, научниците ги сметаат делата на Фон Деникен за псевдоисториски, псевдоархеолошки и псевдонаучни, бидејќи во нив наместо со факти и докази, тој оперира со пристрасни интерпретации на недокажани тврдења, без примена на научни методи.

Псевдонаучните „теории“ на Фон Деникен имаа огромно влијание врз развојот на комерцијалната индустрија за теории на заговори, која од форма на забава прерасна во сила која го оспорува авторитетот на науката на сè повеќе полиња, од историјата до медицината. Со тек на времето, таквото подривање на довербата во институциите беше политички инструментализирано и во рамки на манипулативна популистичка пропаганда.

Популарноста на идеите на Фон Деникен придонесе дел од концептите кои тој ги промовираше, а првобитно ги имаше преземено од научната фантастика, да продолжат да се користат како фикција – во рамки на белетристика, стрип,  ТВ-серии или филмови, меѓу кои и долгогодишните франшизи „Марти Мистерија“ (Martin Mystere), „Ѕвездена порта“ (Stargate), „Досијеата Икс“ (The X Files) и „Луѓе во црно“ (Men in Black – MiB).

Од друга страна, неговиот пристап го усвоија низа следбеници и имитатори кои настапија со свои верзии на приказни за тоа како официјалната наука, претставена како догматски бирократски естаблишмент, негира можности за проучување на минато. Тој пристап го прифатија неколку телевизиски канали кои почнаа да објавуваат серии засновани на сензационални шпекулации за наводна улога на вонземјаните во историјата. Сродна варијанта се приказните за наводно напредни стари цивилизации за чие постоење нема археолошки докази, меѓу кои и сериите на Греам Хенкок за „древна апокалипса“ кои се прикажуваат на Нетфликс.

Во политичката сфера, овие концепти се често дел од неоколонијални идеологии за супериорност на белата раса, кои ја негираат способноста на луѓето од одредени делови на светот за создавање културни и цивилизациски вредности, припишувајќи ги разните постигнувања од минатото на надворешни сили.