Почина академикот и поет Радован Павловски

На 84-годишна возраст во Скопје во вторникот почина академикот и поет Радован Павловски, соопшти Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). По повод неговата смрт, МАНУ и Друштвото на писателите на Македонија ќе одржат заедничка Комеморативна седница во Свечената сала на МАНУ, на 28 февруари (понеделник) 2022 година, со почеток во 10 часот.

Акад. Радован Павловски – поет, есеист и патописец. Роден е на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Неговото семејство во 1940 година се враќа во Железна Река, од каде што потекнува, во подрачјето помеѓу Гостивар, Кичево и Поречје во западниот дел на Македонија каде што го поминува своето детство. Основното образование го завршува во Железна Река, а средното во Гостивар. Студирал право и литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во 1955 година се огласува со песни од Железна Река во весникот „Млад борец“ и во списанието „Млада литература“.Од 1956 до 1959 година, покрај редовните студии на Универзитетот работи како новинар-преведувач на дневните вести на Радио Скопје. Од 1959 до 1962 година, работи во весникот „Нова Македонија“ како новинар, преведувач и книжевен критичар на културните рубрики.

Својот живот го посветува на поезијата, која ја твори повеќе од шест децении. Во 1952 година  во списанието „Народно здравје“ за прв пат се печати неговата кратка песна „Загонетка“, а веќе од летото 1955 година се определува за светот на поезијата создавајќи ги првите песни од збирката „Суша, свадба и селидби“.

За неговиот творечки пат и поетиката во единство со животот и творештвото во декември 1960 година остварува патување во земјите на источен Медитеран: Кипар (Фамагуста), Сирија (Латакија), Либан (Бејрут), Египет (Александрија и Каиро), потоа во 1981 година е на тримесечен студиски престој во Париз и потоа во Прага од 27 јули до 27 август 1979 го изучува чешкиот јазик, литература и култура на семинарот Летна школа на Карловиот универзитет како стипендист на Чешката влада и Сојузот на чехословачките писатели.

Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. Во 2006 година е избран за редовен член на МАНУ.

Автор е на следниве книги поезија: „Суша, свадба и селидби“ (1961/1971), „Корабија“ (1964), „Високо пладне“ (1966), „Клима и лира“ (1966), „Езерска земја“ (1969), „Низ проѕирката на мечот“ (1971), „Сонце за кое змијата не знае“ (1972, на хрватски), „Пир“ (1973, на хрватски), „Зрна“ (1975), „Молњи“ (1978), „Стражи“ (1980), „Магија момче“ (1981), „Чума“ (1984), „Клучеви“ (1986), „Марена“ (1986), Избрани дела во три тома (1986), „Темелник“ (1988), „Зрна, Молњи и Клучеви“ (1989, трилогија), „Замок на розата“ (1990, избор), „Бог на утрото“ (1991), „Светлина“ (1993), ,„Вселенски деца“ (1993, поезија за деца), „Јавач на звукот“ (1995), „Синот на Сонцето“ (1999), „Штит“ (2001), „На едно око“ (2002), „Свртничар на светлините“ (2004), „Господар на перото“ (2006), „Океан во капка“ (2008), „Заштитна повелба“ (2008), „Воспеви“ (2009), „Јас сум време“ (2009), „Мојата ѕвезда“ (2012/2013, собрани дела во 3 тома) и „Се случува вечност“ (2014).

Акад. Радован Павловски е коавтор (со акад. Богомил Ѓузел) на манифестот „Епското на гласање“ (1960) и автор на „Манифестот на Поетската Република Железна Река“ (1990), на патописот „Отклучување на патиштата“(1986), на книгата есеи „Што може поезијата?“ (1993), „Демократска џунгла“ (1994, политички есеи), „Порака на поетот до поетите на светот“ (1995, СВП) и „Поетиката на походот на Александар Македонски во цивилизациите“ (2009, есеј-студија).

Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезлото на ДПМ (2002) и Благодарница од Струшките вечери на поезијата за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011). Исто така е добитник на бројни странски награди.