ПОЦ нема да ја намалува цената за паркирање, недостатокот на места и сега е голем

-

Јавното претпријатие „Паркинзи на општина Центар“ (ПОЦ) не планира да прави корекција на постојните цени за паркирање на паркинзите со коишто стопанисуваат во центарот на Скопје. Нивното објаснување доаѓа откако новата скопска градоначалничка Данела Арсовска најави, а ЈП „Градски паркинг“ веќе се подготвува за намалување на цената за паркирање на нивните паркинзи за 25 отсто.

Со ова, цената на паркинг местата на ЈП „Градски паркинг“ на фреквентни локации каде што постојано е тешко да се најде место, како што е паркингот во Клинички центар или паркинзите околу Градски ѕид, како и на сите други локации во Скопје, би се намалиле за 10 денари по час паркирање.

„Имајќи во предвид дека сите јавни институции и приватни компании се лоцирани во центарот на градот, доколку ги намалиме цените за паркирање ќе ги поттикнеме граѓаните да ги користат своите автомобили повеќе и ќе предизвикаме поголем сообраќаен хаос и узурпација на паркинзите за резиденти кои се обидуваме да им ги обезбедиме на жителите од општината“, објаснуваат за Мета.мк од ЈП ПОЦ.

Од ЈП „Паркинзи на општина Центар“ велат дека намалувањето на цените за паркирање од ЈП „Градски паркинг“ ќе го зголеми притисокот врз паркиралиштата со кои тие стопанисуваат, но тие се надеваат оти ќе се намали притисокот за паркирање врз резидентните паркиралишта на ЈП ПОЦ.

„ЈП ПОЦ ќе продолжи да работи во насока намалување на комерцијални паркиралишта (паркиралишта со смс наплата) и зголемување на резидентни паркиралишта со цел да се обезбедат повеќе паркинг места за жителите и да им се овозможи полесен и побезбеден пристап до нивните домови“, информираат од ова јавно претпријатие.

Од ЈП ПОЦ додаваат дека веќе неколку години водат конзистентна политика, со цел да се намали бројот на паркирани возила во централното градско подрачје и да им се  овозможат на жителите на Центар похумани услови за живеење.

„Сите одлуки на претпријатието во изминатите четири години беа донесени со цел да се дестимулира користењето на возила, а истовремено да се стимулира користењето на градскиот и алтернативниот превоз (велосипеди, електрични тротинети и т.н.) со кој значително ќе се реши сериозниот проблем со паркирањето во Општина Центар, како и проблемот со загадувањето на воздухот и животната средина“, велат од ЈП ПОЦ.

Во зависност од тоа која зона станува збор (Зона 2, Зона 1, Зона 01, и Зона Ултра), цената за паркирање на паркинзите на ЈП ПОЦ во моментов изнесува од 50 до 100 денари за час, додека паркирањето кај паркингот на „Домот на градежници“ чини 250 денари за час. На овој начин, ЈП ПОЦ се стреми најголем дел од овие паркинг места да ги резервира за жителите на околните згради.

Инаку, ЈП „Градски паркинг“ најголем дел од паркинзите со коишто управува ги има на територијата на Општина Центар, како и во делови од Општина Аеродром. Крајната одлука за цената на паркирање на паркинзите на ЈП „Градки паркинг“ ќе треба да ја донесе Советот на град Скопје.

Доколку се усвои намалувањето на цените, во затворените паркинзи и во катните гаражи наместо 30, новата цена за паркирање ќе биде 20 денари. На зонските паркинзи во зона А, од 50 денари паркирањето ќе се намали на 40, во зона Б од 40 ќе се намали на 30 денари, а во зоните Ц и Д паркирањето ќе чини 20 денари наместо досегашните 30 како што е досега. Исто намалување, од 30 на 20 денари е предвидено и за паркингот во кругот на Клиничкиот центар во Скопје.

Инаку, Мета.мк веќе подолг период наназад пишува дека бројот на паркинг места со кои стопанисуваат јавните претпријатија е за десетина пати помал бројот на регистрирани возила во главниот град, при што статистички податоци има само за возилата со скопски регистарски таблички. Имено, бројот на регистрирани возила во Скопје лани ја надмина бројката од 150.000 за првпат во историјата.

Официјалните извештаи на ЈП „Градски паркинг“ говорат дека лани претпријатието поделило 124.724 бесплатни дозволи за паркирање, додека бројот на паркинг места со коишто стопанисуваат во целиот град изнесувал 9.396. Според ваквите пресметки, на паркинзите на ЈП „Градски паркинг“ во просек на едно паркинг место треба да се паркираат 13 возила. Покрај оние што имаат бесплатни дозволи за паркирање, обележаните паркинг места треба да ги користат службени возила и автомобили на вработени во компании кои гравитираат околу паркинзите, како и сите останати граѓани.

Митева: Воспоставена е комуникацијата со ИТ компаниите за ваучери од 250 евра за секој студент

Од страна на Владата е почната комуникација со компаниите во делокругот на информатичката технологија кои до крајот на оваа година треба да финализираат и истите да резултираат со утврдување...