Заковани шајки во дрвените прагови, со година кога истите се поставени на пругата Велес-Кочани | Фото: Бојан Блажевски

За само седум месеци, втора железничка несреќа во која учествувал патничкиот воз Скопје-Кочани. Сообраќајќи со десетина патници, вчера околу 17:20 часот овој воз излетал од шините во Овче Поле, јавува СДК.МК. Медиумите пишуваат дека во несреќата немало повредени лица, но засега МВР нема објавено повеќе детали за железничката несреќа.

Од објавените фотографии што можат да се видат на социјалните мрежи, на пругата Велес-Кочани вчера попладне излетал од пруга патничкиот вагон, а екипи на ЈП за железничка инфраструктура и Железници на РСМ-Транспорт треба допрва да ги утврдат причините за несреќата. Материјалната штета допрва ќе се утврдува, а железничкиот сообраќај меѓу Скопје и Кочани е во прекин.

Пред седум месеци, на 22 јули 2020 година возот Кочани-Скопје излета од пруга кај железничката станица Јане Сандански, во близина на скопското село Орешани. Оштетувања тогаш претрпи дизел маневарката, по што патничкиот воз меѓу Скопје и Кочани не сообраќаше 40 дена поради поправка на локомотивата, но и поради недостаток на возен парк за да се пушти нејзина замена.

Инаку, „Мета.мк“ веќе подолг период наназад пишува дека состојбата со железничкиот возен парк во земјава е многу лоша. Патничкиот воз Скопје-Кочани, вклучувајќи го и оној што излета вчера, со месеци наназад сообраќа со дизел маневарка, која во зимските месеци не може да обезбеди греење за патниците. Воедно, граѓаните на социјалните мрежи веќе неколку недели наназад се жалат дека и на возовите меѓу Скопје и Битола сообраќаат стари дизел локомотиви со патнички вагони без греење.

Неофицијално, само два од шесте набавени кинески возови во моментов се во функција и патничкиот железнички сообраќај се одвива исклучително отежнато. Брзиот воз меѓу Скопје и Приштина веќе подолг период не сообраќа поради недостиг на локомотиви, а во изминативе месеци и поради ковид-19 пандемијата.

„Мета.мк“ до раководството на Железници на РСМ-Транспорт во два наврати на 28 јануари и 4 февруари написмено испрати прашања, меѓу другото, и во врска со недостатокот на исправен возен парк, но до денешен ден не добивме одговори на поставените прашања.

За очајната состојба во која се наоѓа пругата Велес-Кочани, на која со години наназад максимална брзина на движење е до 50 километри на час, „Мета.мк“ минатата есен направи и репортажа за состојбата во која се наоѓа железничката пруга и станиците долж оваа траса. Од увидот на терен, можевме да забележиме дека на шајките заковани во дрвените прагови на пругата може да се забележат годините 1960, 1962, 1968 година, што всушност ја покажува годината кога последен пат била реконструирана пругата Велес-Кочани.