fbpx

По возови и железнички станици, украинските бегалци во очај бараат безбедност во земјите од Средна Европа

-

Преморени, очајни, дел во плач, а дел збунети. Ова е генералната слика за украинските бегалци коишто изминативе недели ги преплавија земјите од Средна Европа. Откако Русија ја започна воената агресија врз Украина, над 3,5 милиони лица се одлучија да ги напуштат своите домови и да заминат во странство.

Со гранатирањата, Русија уште во првите денови од инвазијата го затвори авиосообраќајот, но и го блокираше бродскиот превоз од и кон Украина. Автомобилите и возовите преостанаа единственото превозно средство за евакуација на бегалците. Крајна цел на Украинците – земјите од Средна и Југоисточна Европа: Полска, Романија, Словачка, Чешка и Австрија.

За да им се помогне на бегалците, земјите од Средна Европа организираат вонредни поаѓања на возови од границите со Украина, како би можеле да успеат да транспортираат што е можно повеќе жени, деца и стари лица кон различни дестинации.

Главната железничка станица во Виена е една од крајните станици на украинските бегалци. Просториите за одмор на патници на станицата се преполни со жени и деца. Преморени од долгиот пат, по стотици лица чекаат долги часови за да им биде овозможено сместување во прифатните центри.

Украински бегалци трагаат по помош на железничката станица во Виена; Фото: Мета.мк

На лицата на украинските бегалци во Виена се забележува премореност. Најголем број од нив не беа расположени да зборуваат пред камера за Мета.мк. Велат дека минале неколку дена патување пред да пристигнат во австрискиот главен град и не се расположени за разговор. Дел од нив во плач и понатаму не веруваат за состојбата во која се наоѓаат, за војната која што Русија ја започна во нивната земја.

На железничката станица забележуваме бројни социјални работници, медицински лица и полициски службеници кои им помагаат на бегалците. Неколкумина коишто знаат украински и руски јазик им се приближуваат на бегалците коишто се симнуваат од железничките платформи и им нудат бесплатни услуги за превод.

Украински бегалци на железничката станица во Виена; Фото: Мета.мк

Екипи на Каритас Интернационал и други меѓународни организации им распределуваат прва помош на бегалците. Со украински документи, во Виена може да се добие и бесплатен железнички билет за патување. Но, на бегалците им е доста од трансфери.

Ана, 28-годишната мајка на две деца од Кијив, ни раскажа дека веќе 10-тина дена ги менува локациите за нејзин престој. Од главниот град на Украина се упатила во Лвив, а од таму преку украинско-словачката граница и Братислава, пристигнала во Виена.

Ана не знае дали ќе може во скоро време да се врати во својот роден град, заедно со нејзините деца. Додека разговараме со неа, на само стотина метри од нас во ред чекаат други украински бегалци за да добијат железнички билети. Еден постар човек непрестано плаче. Наоколу, секојдневниот живот на Виена непрекинато продолжува, илјадници патници се симнуваат и качуваат во возовите на главната железничка станица.

Мајка со две деца легната на подот на железничката станица се обидува да ги анимира своите најблиски со играње на карти. Ѝ пристапува постар Австриец којшто се обидува парично да ѝ помогне. Жената одбива парична помош пред наши очи. Дел од украинските бегалци ја напуштаат железничката станица, но нивниот простор за седење постојано го заземаат други млади.

Возовите низ Средна Европа постанаа главното средство за превоз на украинските бегалци; Фото: Мета.мк

Детски играчки паднати на подот на железничката станица ја раскажуваат, секој одделно, својата приказна за бегството од војна.

Чешка перспектива

Република Чешка на почетокот од март воведе вонредна состојба во земјата поради напливот на бегалци од Украина. Главниот притисок изминативе недели се чувствува во Прага, но цели семејства кои бегаат од виорот на војната можат да се забележат и во помалите чешки градови.

Чешка досега прими над 270.000 бегалци од Украина. Оваа земја од Средна Европа досега не била крајна дестинација на огромен број на бегалци, ниту во периодот на војните во Југославија во 90-тите години на минатиот век, ниту пак во периодот на големата бегалска криза за време на војната во Сирија од 2015 година. Поради тоа, земјата се соочува со свои предизвици кои не ги очекувала.

Чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракусан вели дека владата ќе ја продолжи вонредната состојба во земјата, при што властите ќе се обидат да го ублажат притисокот врз Прага на начин што ќе ги преместат украинските бегалци во другите градови од внатрешноста.

Апели за помош за Украина можат да се забележат на секој чекор во Чешка; Фото: Мета.мк

„Чешката Република балансира на работ на капацитетите каде што можеме да обезбедиме удобни услови за живеење“, рече Ракусан за медиумите и додаде дека живеењето во спортски сали, вреќи за спиење или кампови не е добро за бегалците.

Но, на терен, во чешкиот град Оломоуц, на истокот од земјата, засега не се чувствува притисокот којшто го има во моментов Прага. На многу од административните и образовни објекти во градот се вее украинското знаме, како симбол за поддршка на Украина како нападната страна од Русија.

Покрај чешкиот јазик, на Горниот плоштад во Оломоуц се слушаат гласови на украински граѓани. Цели семејства љубопитно ги набљудуваат средновековните градби и Колоната на Света Троица, којшто како споменик е заштитен како светско културно наследство од УНЕСКО. На само 50-тина метри, на градската куќа на плоштадот е поставен астрономскиот часовник од 1950-тите години, којшто ги покажува деновите на раѓање на Ленин и Сталин. Овој спомен од советското минато на Чешка им остава горки спомени на украинските бегалци.

Апели за помош за Украина можат да се забележат на секој чекор во Чешка; Фото: Мета.мк

На неполни пет минути од главниот плоштад во Оломоуц, се наоѓа центарот за регистрација и прием на украинските бегалци. На оваа локација граѓаните од овој чешки град носат помош за бегалците. Во моментот на нашето доаѓање, пожарникари од противпожарната бригада во Оломоуц донесоа пакети помош за жителите на Украина кои беа приморани да ги напуштат своите домови. На ова место, бегалците се регистрираат, можат да добијат информации за сместување во градот, но и да подигнат помош која што им е ставена на располагање.

Центарот за регистрација и прием на украинските бегалци во Оломоуц; Фото: Мета.мк

Во овој центар во моментот на наше присуство имаше поголем број на чешки граѓани што помагаа отколку украински бегалци. Сепак, спортските сали, културните зданија и други сместувачки капацитети низ Чешка во изминативе неколку недели се преполни со мајки, деца и стари лица од Украина, на коишто привремено како домови им се ставени на располагање овие локации.

Медиумите полни со грижи и прашања за иднината

Страниците на чешките весници пак изминативе денови се преполни со случувањата во Украина и влијанието на руската агресија врз Украина на Чешка.

Дневниот весник „Право“ во своето издание го објавува извештајот со податокот дека сместувачките капацитети во Прага се преполни со бегалци од Украина и дека властите планираат дел од бегалците да преместат во градовите Оломоуц и Злин на истокот од земјата. Весникот ги пренесува и информациите од чешките здравствени власти дека дел од бегалците се соочуваат со здравствени проблеми, а кај децата кои патуваат и по неколку дена од Украина се забележани инфекции.

Чешките дневни весници ѝ даваат централно внимание на украинската војна; Фото: Мета.мк

Весникот „Млада фронта Днес“ на насловната страница ја донесува информацијата на чешките власти дека секое домаќинство кое ќе згрижи по еден бегалец од Украина би можело да добие финансиска поддршка од 3.000 чешки круни (околу 120 евра). Чешката влада планира да им исплати по максимум 9.000 чешки круни на оние домаќинства што ќе се одлучат да примат по неколку жители на Украина. За оваа сума, анкетата на овој чешки весник покажува дека 25,4 отсто од испитаниците рекле дека се подготвени да примат бегалци во своите домови. Сепак, засега не се знае и колку ваквото решение би можело да смести неколку стотици илјади жители од Украина кои избегаа од војната.

Чешкиот дневен весник „Лидове новини“, пак, на насловна страница го носи податокот дека Чешка се движи кон стагфлација. Стапката на инфлација би можела да се искачи на 13-14 проценти според прогнозите на чешката Народна банка како последица на општиот пораст на цените. „Лидове новини“ пишува дека особен проблем е цената на нафтените деривати, непознаницата со снабдувањето со природен гас во иднина како последица на војната во Украина. Чешка од ковид криза, преку енергетска криза, влезе во трета по ред криза во најава под силно влијание од украинската војна. Економистите предвидуваат дека животниот стандард на чешките граѓани би можел да биде загрозен.

Бројот на украински бегалци од руската војна продолжува да расте, а со тоа и грижите се наголемуваат во чешкото општество, тоа е впечатокот со кој ја напуштаме Чешката република.

Автор: Бојан Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...