Шест дена откако „Порталб.мк“ предупреди дека наставните програми за учебната 2020/2021 година не се преведени на албански јазик за илјадници наставници Албанци, Бирото за развој на образованието вчера ги објави истите и на албански јазик, пренесува „Порталб.мк“.
Овие наставни програми или курикулуми, на коишто наставниците се базираат при креирањето на секој час, денес може да се најдат и на албански јазик, на веб-страницата на Министерството за образование и наука, односно на веб-страницата на Бирото за развој на образованието.
Само пред шест дена, по неколку жалби до редакцијата на „Порталб.мк“ од наставници Албанци, го прашавме Министерството за образование и наука на оваа тема, а тие ветија дека ќе ги објават наставните програми и на албански јазик.
„Бирото за развој на образованието подготви наставни програми за основните и средните училиште на сите јазици, на кои се одвива наставата во нашата земја, и тоа на: македонски, албански, турски, српски и босански за основните училишта, а на македонски, албански и турски јазик за средните училишта. Со оглед на тоа што станува збор за голем број наставни програми, потребно е одредено време за нивно поставување на веб-страницата на Бирото и тоа ќе се случи што е можно поскоро“, рекоа од Министерството за образование и наука.
Сепак, веб – страницата на Министерството за образование и наука, кога ќе се избере опцијата за преглед на албански јазик, има многу недостатоци. Односно, многу опции или можности што се нудат на македонски јазик, исчезнуваат и веќе не постојат во моментот кога ќе се кликне на веб-страницата на албански јазик.
Инаку, на 1 октомври е планирано да започне образовниот процес во основните и средните училишта во Северна Македонија преку Националната платформа за учење од далечина, останува сè уште нејасно дали наставниците ги имаат потребните алатки за одржување на часови.