По веста на Порталб.мк во врска со непреведувањето на веб-страницата на Агенцијата за млади и спорт (АМС) на албански јазик, согласно обврската од законот за јазици, од Агенцијата за Порталб.мк велат дека во моментов тече тендерска постапка за создавање нова веб-страница на оваа институција, која според нив, ќе биде и на албански јазик, пишува Порталб.мк.

Веб-страницата на единствената институција во Северна Македонија која е одговорна за потребите на младите и спортот во земјата, е достапна само на еден јазик, македонски, со што Албанците во земјава кои не зборуваат македонски се спречени да имаат пристап во најновите вести и информации. Во однос на тоа, од Агенцијата за млади и спорт (АМС) за Порталб.мк истакнуваат дека причината поради која веб-страницата уште не е преведена на албански јазик е тоа што сега се работи на сосема нова страница, која ќе биде и на албански јазик.

„Во врска со вашето прашање во врска со веб-страницата на Агенцијата за млади и спорт, ве известуваме дека сегашната веб-страница има слаба функционалност (стара е во информатичка смисла и е тешка за одржување) и тоа е причината поради која започнавме да работиме на нова, модерна и функционална веб-страница. За таа цел, мисијата на ОБСЕ ги покрива трошоците за нејзина изработка и таа ќе вклучува законски решенија поврзани со ова прашање, меѓу кои и законот за употреба на јазиците. Се надеваме дека во најкус можен рок ќе се најде соодветно решение“, велат од АМС.

Замениците-директори досега не успеаја да ја „преведат“ веб-страницата

Првиот заменик директор Албанец во АМС, Измит Нура беше избран во јули 2019 година, а иако ја извршуваше оваа функција повеќе од една година, веб-страницата на Агенцијата за млади и спорт не беше преведена на албански јазик. Нура на социјалната мрежа Фејсбук во моментот кога ја напушти Агенцијата за млади и спорт за да биде назначен за директор на друго место, тврдеше дека направил АМС да „пишува и да зборува албански“, што изгледа дека не е точно, пишува Порталб.мк.

„По успехот во Агенцијата за млади и спорт што направив оваа институција да зборува и да пишува албански јазик, ќе преминам во Агенцијата за иселеништво“, напиша Нура на „Фејсбук

Во моментов заменик-директор на Агенцијата за млади и спорт е Авни Рустеми, кој неколку пати на јавни настапи вети дека веб-страницата на агенцијата ќе биде преведена и на албански и на англиски јазик, но тоа не се случи.

Во февруари годинава, Рустеми се пожали на „ТВ21” дека три месеци е кратко време за веб-страницата да се преведе и на албански јазик, поминаа пет месеци и веб-страницата и понатаму е на само еден јазик.

„Веб-страницата засега е само на македонски јазик, на англиски јазик не функционира, а нема ни 3 месеци откако сум во позицијата заменик-директор, и ако има некој кој може да ја направи веб-страницата за три месеци…“, изјави Авни Рустеми за ТВ21.

Во таа прилика тој истакна дека во тек е изработката на новата веб-страница на Агенцијата за млади и спорт и увери дека истата ќе биде и на албански јазик. Но, поминаа уште два месеци од ова јавно ветување, а ништо не е сторено.

„Ќе се направи на три јазици, ние сега од 1 февруари имаме согласност од Министерството за финансии да добиеме преведувач. Немавме ниту преведувач, кој би ги преведувал текстовите? Новата веб-страница е во обработка. Ќе биде тоа комплетно нова веб-страница, со сите содржини, и на три јазици“, додаде Рустеми, заменик директор на Агенцијата за млади и спорт.

Реагиракција од Младинскиот форум на Алијансата за Албанците

За непреведувањето на веб-страницата на Агенцијата за млади и спорт реагираше и претседателот на Младинскиот форум на Алијанса за Албанците (МФАА), Омер Ајдини, кој изјави дека иронијата лежи во фактот дека заменик-директорот Авни Рустеми, е асистент за ИТ, но не успеал да ја преведе веб-страницата.

„Агенцијата за млади и спорт функционира веќе 20 години и до денес сè уште ја нема преведено веб-страницата на албански јазик. Авни, заменик директорот на оваа институција е асистент по информатика на Универзитетот во Тетово и нема капацитет да го стори тоа“, рече Омер Ајдини на TВ21.

Покрај тоа, Ајдини побара од Рустеми да го прифати предизвикот и да му дозволи да ја преведе веб-страницата на Агенцијата за млади и спорт во рок од една недела.

„Да го направиме ова предизвик, јас ќе ја преведам веб-страницата за неколку дена. Ако не ти ја преведеме веб-страницата во рок од една недела, јас ќе поднесам оставка. Само дај ми го овој предизвик, ќе го сторам тоа бесплатно, не е голема работа, тоа се прави брзо“, рече Омер Ајдини на TВ21.

Инаку, ова не е единствениот случај кога институциите предводени од Албанци не го почитуваат законот за јазиците. Примената на албанскиот јазик во многу институции во Македонија останува пречка, иако е задолжителна, бидејќи е законска обврска.

Сепак, повремено во многу институции кои се предводени од кадри Албанци, официјалната употреба на албанскиот јазик во сите акти и документи е имплементирана целосно. Почнувајќи од табелата со називот, поставена на влезот на институцијата, до наједноставните писма, сите се на двата јазика, македонски и албански.

Порталб, пред неколку месеци објави дека Владата и Министерството за здравство, двете најважни институции кои известуваат за мерките, протоколите што се во сила, дневните извештаи за пандемијата ковид-19, не го почитуваат законот за јазици, со кој се предвидува дека официјален јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо е албанскиот јазик, кој во законот се споменува како јазик што го зборуваат 20 отсто од граѓаните на РСМ. Преводот на содржините поврзани со корона вирусот на албански јазик, во овие две институции не беше паралелен со македонскиот јазик.