fbpx

По вчерашното бугарско вето, Заев и Рама на средба во Скопје: ЕУ потфрли да донесе вистинска одлука

-

Премиерот Зоран Заев и неговиот албански колега Еди Рама денеска, на маргините на Првиот Економски Форум во Скопје, имаа заедничка изјава на која го презентираа заедничкиот став за одлуката на Советот за општи работи на ЕУ да не одобри преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија.

„Денес Европа има проблем. Големата, визионерска идеја за обединета Европа денес има проблем, а проблемот е самата Европска Унија. Брисел ни порача дека ЕУ не успева да најде начин да ја обезбеди заслужената интеграција на Западен Балкан. Е тоа е проблем. Тоа што 26 земји членки на ЕУ не успеваат да спречат блокада на една земја членка, тоа е проблем на Европа предизвикан од самата ЕУ“, изјави премиерот Заев на заедничката прес-конференција со Еди Рама.

Тој додаде дека македонскиот народ и албанскиот народ пред себе имаат иста визија и вредности – тоа се европските вредности, а не политиките на ѕидови и поделби. Ние сме Европа, без разлика дали ЕУ ќе успее да ги тргне блокадите или не, рече Заев.

На заедничката прес-конференција, Заев рече дека суштината и вредностите на Европската Унија се доведени во прашање и алармот е вклучен.

„Иако направивме заеднички позитивен исчекор, за жал, и покрај јасните и недвосмислени пораки од целата меѓународна заедница дека сега е моментот да се најдат сили за пробив, бугарските колеги не успеаја да соберат доволно сила да одобрат почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ“, изјави премиерот Заев.

Без разлика колку бевме свесни и воздржани во очекувањата, одлуката на ЕУ да не ја закаже првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија сепак е големо разочарување, но и огромен неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето и лоша порака за целиот регион, посочи Заев.

Гласот на Бугарија да не ја одобри преговарачката рамка, наспроти едногласниот став на сите останати 26 земји членки, сметаме дека не е во духот на добрососедските односи, додаде тој.

„Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди“, изјави Заев.

Албанскиот премиер Еди Рама, како дополнување на заедничката изјава на двајцата премиер рече дека верува оти што и да се случи или нема да се случи во Брисел, ние сме многу одлучни да продолжиме со сите сили да ја растеме економијата, да ја зголемиме благосостојбата, да ја зголемиме гордоста и силата на достоинството на нашите народи.

Тој додаде дека Албанија го направи својот избор уште во времето на Ѓерѓ Кастриот и го потврди повторно својот избор уште од ерата на националната преродба. За Албанците сонцето изгрева таму каде што заоѓа, а нашата иднина е таму каде што Бог одредил да имаме своја земја, во срцето на Европа.

„За мене, всушност, во оваа точка имаме една непроблематична разлика со Зоран, бидејќи, за мене не се случи ништо друго, освен тоа што ЕУ потфрли повторно да го одржи ветувањето, да остане посветена на ангажманот и да биде на вистинскиот став. Животот продолжува и напредокот ќе продолжи со сите сили, затоа што тој не е наметнат однадвор, туку е наметнат од нас внатре“, додаде Рама.

Рама рече дека ако ние не можеме да го смениме начинот на кој функционира ЕУ во односот кон нас, тогаш ние треба следствено да го менуваме начинот на нашето функционирање едни кон други. И, топењето на границите меѓу нас е за да го претвори нашиот регион во простор на целосна имплементација на четирите слободи на ЕУ: слобода на движење на луѓе, слобода на движење на стоки, слобода на движење на услуги и капитал.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...