По првиот силен земјотрес со магнитуда од 5,5 степени што се случи на 3 километри северно од Флорина (Лерин), Грција, епицентрално подрачје сè уште не се смирува, говорат информациите од Евро-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ).
Првиот земјотрес се случи во 22.43 часот, а следниот беше само 8 минути подоцна, со магнитуда од 3,5 степени. Во 22.54 часот уследи трет земјотрес, со магнитуда од 3,1 степени и уште еден во 23.10 часот, од 3 степени. Потоа, во текот на ноќта до утрово се регистрирани уште шест земјотреси во подрачјето на Лерин, со различни епицентри.
Првите земјотреси беа силно почуствувани дури и во Скопје.
На југот на соседната земја претпладнево во 9.20 часот е регистриран земјотрес со магнитуда од 3,2 степени, но не е поврзан со леринските земјотреси.
Како што јавија локалните медиуми, земјотресите предизвикале материјални штети во куќи, згради и други објекти во Битола, има и искршени стакла, испукани ѕидови и плафони, како и паѓање на ќерамиди.