fbpx

По штрајкот во образованието – наставниците чекаат плати, општините ја чекаат Владата

-

Засега не се знае дали на наставниците и воспитувачите ќе им се исплатат плати или дневници за деновите додека штрајкуваа или ќе им бидат исплатени само придонесите. Од Владата велат дека исплатата на плати во случај на штрајк се врши според закон и дека општините треба да постапат според законските прописи. Општините, пак, ја префрлуваат одговорноста на Владата, која, според нив, треба да префрли финансиски средства за плати. СОНК го покрена ова прашање во разговорите и бара дневниците да им бидат исплатени, пишува Порталб.мк.

Наставниците очекуваат да добијат плата за деновите од 11 до 28 април (вкупно 14 работни дена) кога штрајкуваа барајќи токму повисоки примања. Општините парите за плати на наставниците и просветните работници што штракуваа ги чекаат од владата. Во тој период учениците немаа настава и пропуштија да научат за дел од наставната програма.

„Во моментов како локална самоуправа чекаме информации од Министерството за образование и наука за тоа како да постапиме по ова прашање. Веднаш штом ќе добиеме известување и информација од МОН ќе ве информираме за нашите активности“, рече за Порталб.мк Фари Хисени, портпарол на општина Чаир.

Општина Тетово одговорно за ова прашање го сметаат Министерството за образование, додавајќи дека ставот на централната власт ќе биде нивен став.

„По однос на ова прашање, односно исплатата на плати за вработените во образовниот сектор за периодот додека штрајкуваа, надлежно е ресорното министерство бидејќи ова прашање е проблематично на државно ниво. Нивниот официјален став ќе биде и наш официјален став“, велат од општина Тетово.

Ист став има и општина Гостивар.

„Општинските училишта од Гостивар нѝ го испратија планот за плати без измени во однос на штрајкот. Ние како Општина сме должни како такви да ги проследиме до Министерството за образование, од каде во моментов не се изјасниле по ова прашање. Како ќе постапиме ќе зависи само од ставот на Министерството, бидејќи средствата за платите на вработените во образованието ние како општина ги добиваме во вид на дотации од централната власт“, велат од општина Гостивар.

Инструкции од Министерството за образование чекаат и од општина Карпош и од Центар.

„Дали наставниците кои штрајкуваа ќе добијат плата зависи од Министерството за образование и наука и од Министерството за финансии. Колку средства ќе префрлат од таму за таа намена, толку општината ќе плати“, се вели во одговорот на општина Карпош.

„Општина Центар, но и другите општини чекаат инструкции од Министерството за образование за конкретните чекори што ќе ги преземеме понатаму“, се вели во одговорот на општина Центар.

Што велат Владата и Министерството за образование?

И од Министерството и од Владата имаат ист одговор дека исплатата на наставниците кои штрајкуваа треба да се врши според закон.

„Исплатата на платите во услови на штрајк е регулирана со закон, па општините кои ги прават сметките за вработените во училиштата кои се во нивни надлежности постапуваат според законските прописи“, се вели во истиот одговор на Владата и МОН за Порталб.мк, без да дадат детали дали ќе префрлат или не финансии за платите.

И покрај тоа што Владата и Министерството за образование и наука не објаснуваат што значи тоа „регулирано со закон“, за време на штрајкот, односно на 20 април, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, истакна дека според законот, наставниците немаат право на плата, туку ќе им се плаќаат само придонеси.

„Во колективниот договор добро е разјаснето што се случува за време на колективниот штрајк и кои се обврските на работодавачот. Истото е дефинирано и во Законот за работни односи каде се вели дека во услови на штрајк, работодавачот е должен да плаќа придонеси на сите работници кои штрајкуваат според најнискиот основ за плаќање придонеси. Следниот член 241, дава можност СОНК да обезбеди исплата на нето плата на сите работници кои штрајкуваат“, рече Тренчевска.

Ова се двата члена од Законот за работни односи, на кои се повикува и министерката и владините органи.

  • Член 240: На работниците учесници во штрајкот, за време на учеството во штрајк, работодавачот е должен да им ги исплати придонесите за плата утврдени со посебни прописи од најниската основица за плаќање придонеси.

  • Член 241: Организаторот на штрајкот може да го исплати надоместокот за нето плата за времето на штрајкот на работниците кои учествувале во штрајкот.

Зошто според СОНК наставниците треба да бидат платени за периодот на штрајкување?

Тимот на СОНК, заедно со претставниците на Владата само што ја завршија првата рунда разговори со помош на посредник, но ниту Владата, ниту Министерството за образование, не посочуваат дали наставниците ќе бидат платени или не.

Претседателот на Синдикатот Јаким Неделков, кој го организираше и предводеше штрајкот, претходно изјави дека наставниците ќе земаат плата, а таквите предупредувања имаат за цел да ги заплашат наставниците да се откажат од штрајкот.

Неделков нагласува дека сè уште не се знае што ќе се одлучи за ова прашање, но дека истото, меѓу другото, е и на масата на разговори меѓу СОНК и владините претставници, кои ја завршија првата рунда разговори, каде што им доставиле понуди и во петок чекаат одговор од владата.

„Јас велам и верувам дека ќе бидат платени, ова прашање е на преговарачка маса и бараме наставниците да се платат“, изјави Неделков за Порталб.мк.

Претходно СОНК тврдењата на власта за неплаќање на платите ги нарече притисок за откажување од штрајкот.

„Законот за работни односи ја има обработено со многу пропусти исплатата на плата на штрајкувачите, во смисла да им се исплатат придонесите, но не и дневниците. Но, наставниците одат на работа и покрај тоа што некои часови не се одржуваат, а часовите по штрајкот ќе се надополнат, така што нема причина да им се скратат и онака ниските плати“, изјави Неделков.

Инаку, Советот на СОНК на 28 април одлучи да го прекине штрајкот додека не се реши спорот за покачување на платите во образованието. Ако не се реши, како што предупредуваат од Синдикатот, повторно ќе се активира штрајкот. Министерството за образование и наука претходно испрати известување до СОНК за мирно решавање на спорот, додека до Министерството за труд и социјална политика испрати барање за определување посредник.

Според законските прописи, СОНК беше должен да седне на преговарачка маса. Доколку прашањето не се реши во првите 10 дена, страните ќе ги продолжат разговорите уште 10 дена. За одлуката на СОНК да го прекине штрајкот, дел од членството изрази револт и протестираше пред просториите на Синдикатот со барање штрајкот да продолжи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Обединетите нации бараат истрага по откривање на масовни гробници во болниците во Газа

Обединетите нации (ОН) повикуваат на „независна, ефикасна и транспарентна истрага“ за откривањето на масовни гробници во две болници во Газа, кои беа опколени и нападнати од израелските војници оваа...