Посмртните останки на шестгодишната Ангела Ѓорѓиоска од прилепското село Дуње, вчера беа погребани на градските гробишта Песјобрдце во Прилеп, речиси шест години по нејзиното исчезнување на 23 јули 2009 година од родното село.
Бидејќи, како што велат од Обвинителството, семејството на девојчето одбило да го изврши погребот, а посмртните останки со години се чувани во Институтот за судска медицина во Скопје, Јавното обвинителство побарало од прилепското обвинителство да се изврши погреб во согласност со законот.
Од „Комуналец“ велат дека известиле еден од операторите, во случајот „Дипеко“, кој со погребално возило од Институтот од Скопје ги подигнал посмртните останки на девојчето, а погребот е извршен истиот ден на сметка на јавното претпријатие, пишува „Утрински весник“.
Малата Ангела последен пат беше видена во селото со својата 20-годишна братучетка, со која биле на гости на друга страна од селото. Полициската истрага потврди дека трагите на Ангела се губат кај селската црква, која се наоѓа речиси на крајот од селото. Коски од девојчето се откриени по неколку месеци во висок рид во близина на соседното село Пештани.
Таму и според жителите тешко може да се искачи возрасен човек, а не мало девојче, на пеколна жештина. Местото е оддалечено од родното село на Ангела шест-седум километри и се наоѓа во непристапен терен.