По шеснаесет години се обновува фестивалот „Skopje Sounds Good“

Фестивалскиот бренд „Skopje Sounds Good“ се реобновува по цели 16 години од неговото прво, но и последно одржување, соопштија од „Авалон продукција“ кои се организатори на фестивалот. Од таму велат дека овој пат публиката ќе може да види свежа и актуелна комбинација на регионални артисти од алтернативната музичка сцена во регионот.

„Skopje Sounds Good“ ќе се одржи на 8 септември, на стадионот на АРМ. Како што велат организаторите, намерата на фестивалот е да го спои најдоброто од Македонија со најдоброто од регионот на независната регионална сцена, славејќи го младешкиот урбан, независен и пркослив дух.

На фестиалот ќе настапат македонскиот бенд Funk Shui, српското рок-електро-диско дуо BUČ KESIDI,  загрепски Nipplepeople и поп бендот Svemirko.

Настанот ќе биде реализиран според протоколите кои ќе бидат актуелни за време на одржувањето на фестивалот, а одобрени од Министерството за здравство за организација на јавни настани на отворено.

Влезниците ќе бидат пуштени во продажба веќе од утре, преку продажната мрежа на „Авалон“ низ земјава.