Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Општина Аеродром донесе одлука да го повлече неодамнешниот конкурс на кој се повикуваа активни новинари и медиумски куќи да конкурираат со истражувачки стории на теми поврзани со европски вредности и нивна промоција на локално ниво. Одлуката за повлекување на повикот е донесена по денешната средба на градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, со претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски и со извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски.

„Иако нема законски ограничувања, ниту пак, се очекуваше необјективност при известувањето, сепак, Општината одлучи да го повлече новинарскиот повик. Целта на ваквата одлука е да се исклучи и најмалото зрнце сомнеж во јавноста за искрените намери на Општината. Аеродром со конкурсот сакаше да поттикне независни истражувачки стории на теми поврзани со европски вредности, особено кај младите и талентирани новинари“, велат од општината.

Претставниците на ЗНМ на средбата ја поздравија одлуката за повлекување на конкурсот и истакнаа дека треба да се избегнуваат вакви практики со цел да не се добие впечаток дека со јавни пари може да се влијае на начинот на известување на новинарите.