Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска рече дека училиштата се целосно подготвени за прием на учениците со физичко присуство и за непречена реализација на квалитетна настава, и покрај зголемениот број на активни случаи на ковид-19 во земјава. Таа при денешната посета на основното училиште „Дане Крапчев“ во општина Гази Баба рече дека училиштата интензивно се подготвуваат за новата учебна година и тоа е процес кој е започнат уште поодамна.
Внимаваме и мора да внимаваме на сé, а особено да бидеме одговорни и да ги почитуваме протоколите, бидејќи не смееме да заборавиме дека учебната година се организира во услови на пандемија, истакна Царовска.
Министерката апелираше на највисока одговорност од сите засегнати во образовниот систем. Како што рече, најважно е да останеме доволно свесни и одговорни, бидејќи сепак наставата и оваа година се организира во услови на пандемија, иако Министерството за образование и наука (МОН) е подготвено за брза транзиција кон друг модел и непречено одвивање на образовниот процес.
Во изминатиот период заедно со локалните самоуправи, раководствата на училиштата, со граѓанските организации и странските партнерски организации како УНИЦЕФ, УСАИД, Светска банка и други, работевме на подготовка на училиштата за прием на учениците, но и за непречена реализација на наставата која нема да биде само на едно оптимално ниво, туку на доволно квалитетно ниво за да се почувствуваат придобивките од новата Концепција за основно образование, рече Царовска.
Инаку, вчера претставници на движењето „Поддршка за онлајн настава“, која на Фејсбук има група од 15.000 членови, побара од МОН родителите на децата да одлучуваат дали детето ќе следи настава во училница со физичко присуство или, пак, ќе следи часови од дома онлајн.
Според последната владина одлука донесена на 17 август, децата треба да почнат со физичко присуство од 1 септември. Но, имаме голем број починати и голем број заболени поединци и млади кои завршуваат со тешки клинички слики, па затоа сметаме дека оваа година треба наставата да биде онлајн. Триесетина ученици, кога ќе влезат во училница од 36 квадратни метри, невозможно е да бидат заштитени, изјави вчера Ана Глигорова, претставничка на движењето „Поддршка за онлајн настава“.