По реакциите во јавноста, студентите со самохрани родители повторно ќе плаќаат пониска партиципација на сите факултети на УКИМ

Фото: УКИМ (ukim.edu.mk)

По реакциите на граѓанската организација „Младите на Една Може“ (One Can – Youth) и објавата дека студентите од еднородителски и самохрани семејства се изоставени како категорија при упис на дел од факултетите, од Универзитетското студентско собрание на УКИМ соопштија дека студентите од оваа група повторно ќе ги имаат поволностите на намалување на партиципацијата и школарината.

Од таму велат дека надлежните органи на УКИМ ги известиле дека за студентите од еднородителски семејства ќе важат одредбите од стариот правилник, според кој овие студенти не ја плаќаат полната сума за партиципација при упис на факултетите низ земјава.

УСС УКИМ денеска ги критикуваше новините кои беа донесени на државните факултети, со кои студентите со самохрани родители беа изоставени и дискриминирани според „Правилникот за начинот на проверка на основните критериуми и запишување во квоти на студентите чие родителско право го врши само еден родител, како и посебните критериуми за остварување на ова право“. Овие студенти како категорија недостасуваа во пријавите за упис на дел од факултетите, со што им беше ускратена можноста да плаќаат само половина од школарината.

Не смееме да дозволиме некој да ги прекине студиите поради неможноста да уплати семестар, велат од Универзитетското собрание.

„УСС УКИМ веднаш реагираше до надлежните органи на УКИМ. Не се согласуваме со ништо помалку од она што досега го имаа студентите од еднородителски семејства. Недозволиво е да им биде одземено правото на плаќање пониска партиципација на факултетите“, реагираа од УСС УКИМ.

Најстрога критика до факултетите кои не го почитуваа Правилникот пристигна и од студентските правобранители на УКИМ. Тие порачуваат дека само заеднички студентите ќе можат да се изборат за поквалитетно образование.