fbpx

По реакциите во јавноста Арсовска се предомисли за асфалтирањето на патеките во Градски парк [Галерија]

-

По бурните реакции во јавноста за асфалтирањето на патеките во првиот дел од Градскиот парк, градоначалничката Данела Арсовска се предомисли, па сега, новоасфалтираните патеки ќе бидат покриени со тартан, а останатите ќе добијат нов слој чакал.

Директорот на ЈП „Улици и патишта“ Борис Настов кој денес го надгледуваше текот на работите изјави дека во паркот и кај патеката околу лавиринтот имало микро локации со подземни води и често се правело кал па од таа причина одлучиле да асфалтираат еден слој за да може да се покрие со гуменизирана подлога – тартан.

На прашање на Мета.мк дали можело да се употреби некој друг природен материјал за да се изгради патеката, Настов рече дека единствено друго природно решение било да се стави бетон, а асфалтот исто така бил природен материјал. Настов додаде дека патеката нема да се загрева затоа што е скоро целата под сенка.

Сепак, според архитектите со кои Мета.мк разговараше, покриваката со тартан исто така не е соодветно решение.

„Во паркот веќе има патеки со тартан, овој дел баш треба да остане природен. Згора на тоа, овој парк има има историска позадина“, вели Ивана Групче, дипломиран инженер архитект и член на Комора на овластени архитекти и инженери. Таа посочи дека нејзиниот став не треба да добие политичка димензија, но јавниот простор за еден град има суштинско значење и мора исклучително да се внимава при неговото осмислување.

На историската важност  и автентичноста на паркот потсети и архитектот Андреа Јанков.

„Почетоците на градскиот парк во Скопје датираат од времето на Хафиз Мехмед-паша, а делот кон зоолошка го правеле австриски градинари во 1923 година. Стариот дел е целосно завршен во 1933 година кога се уредени сите патеки. Патеките се земјени и посипани со дробен камен, што овозможува земјата да „дише“, но и полесно да се дренираат“, рече Јанков.

Тој, во разговор со Мета.мк истакна дека земјените патеки и патеките со завршна обработка од чакал или дорбен камен се препорачливи од неколку причини.

„Првенствено, пријатни се за пешачење, односно не се создава толкав стрес на колената и зглобовите при трчање и одење по нив, како што е случај со асфалтот или бетонот. Понатаму, полесно се дренираат, односно одводнувањето е побрзо, водата понира и се движи кон каналите за одвонување, секако, доколку е добро решено. За крај, предноста е што на такви патеки не може да се движи возило (велосипед, мопед) со голема брзина, со што и безбедноста на пешаците е поголема. Асфалтот (битумен) од друга страна како нус производ на нафатата има негативна карактеристика со тоа што лесно се загрева, апсорбира и испушта топлина, па и непријатен мирис. Со тоа ја загрева и околината, и затоа е неадекватен за паркови, каде предност секогаш треба да имаат природни материјали“, вели Јанков.

Тој додаде дека покрај земјени патеки и патеки со чакал или песок, предност би им дал и на патеки од гранитни или дрвени коцки, камен, хексагонални бекатон блокови со отвори, патеки од дрвени летви, подигнати платформи, рециклирани материјали (пр. обработено стакло на ниво на гранули), а асфалтот би го сместил можеби на последно место како опција, или воопшто не би го зел во обѕир.

„Кај нас се пласира како врвно решение, што е апсурд, и кажува за заостанатото размислување на градската администрација, и за инженерска недоветност и неинвентивност во проектирањето и изведбата“ рече Јанков.

Според јанков, од особена важност е што самиот дел кај лавиринтот, не претставува незавршена целина, туку заокружена автосрка замисла. Односно, ако проектанот замислил патеката да биде земјена или со дробен камен, чист дилетантизам и елемантарно непочитување е на своја рака некој да менува.

Архитектката Групче истакна дека тоа е простор кој им припаѓа на сите граѓани, простор кој треба да им понуди различни квалитети на одмор, комфорна зона, социјализација.

„Еден парк како еден од јавните простори во еден град треба да биде најприродно парче, еден вид на прибежиште на жителите на тој град од урбаниот простор кон природен. Човекот, самиот е дел од природата и таа негова врска со природата е нераскинлива. Направени се бројни психолошки и социјални истражувања кои го потврдуваат тоа и заради тоа ваквите простори кои ќе дадат бегство од урбаниот живот се повеќе од потребни. Во таа смисла, од архитектонско-урбанистички аспект, парковите треба да се максимално природни, нивната материјализација треба да биде со што е можно поприродни материјали за да не се наруши таа врска со природата и при тоа се употребуваат природни материјали како материјализација на патеките и останатите елементи при нивно уредување, песок, камен, дрво, дополнето со хортикултурно уредување“, изјави Групче за Мета.мк

Според неа, асфалтирањето на патеките е сосема една непромислена активност, која е направена од недоволно познавање на сета проблематика бидејќи асфалтот дава една друга димензија на тој простор.

Фото: Приватна архива на Ивана Групче

„Ја разбирам загриженоста на граѓаните и нивните бурни реакции во врска со ова. Кога живеете во град кој се гуши во силна урбанизација и кога некој ќе се дрзне да им чепне и во тоа едно нешто што им е прибежиште, и тука повторно да постави асфалт, навистина е фрустрирачки. Во оваа смисла, сметам дека патеките треба да останат песочни, затоа што тоа е една силна врска со природата“, рече Групче.

Таа го сподели и прекрасното искуство од пред неколку години кога имала можност да биде на професионален престој во Шведска.

„Тоа ми даде едно големо искуство како архитект, да гледам со поинакви очи на нештата при проектирањето и урбанистичкото планирање. Односот на шведските граѓани и архитекти кон животната средина е фантастичен. Градот, како урбан организам, кај нив функционира на едно многу високо ниво. Секој сегмент е длабоко осмислен и притоа учествуваат низа од професионалци од различни области, не само архитекти и урбанисти. Затоа, резултатот се здрави и квалитетни градски средини, во кои секој граѓани е достоинствена и почитувана единка“, рече Групче.

Таа е посебно фасцинирана од парковите во Малме, градот во кој престојувала и кој го нарекува град на парковите.

„Кога го посетив првиот парк бев изненадена од песочните патеки. Луѓе трчаа, спортуваа, возеа точак, шетаа, се движеа со инвалидиски колички, и никому не му пречеше тој песок на патеката. Мене, како човек кој доаѓа од земја каде што сè се поплочува, тој момент ми беше доста чуден. Но, кога прошетав и по другите паркови, сегде ја затекнав истата ситуација. Сфатив дека тоа е намерно така, за да биди што поприродна врската со природата. Во тие парковски „џебови“ од градот, имав чувство како да сум надвор од градот, немаше ни малу бучава, ни некаков знак дека се наоѓам во градот. Едноставно, тие паркови беа тотално изолирани природни зони во градот, без потреба луѓето да излегуваат некаде далеку од градот за да се чувствуваат мирно и комфорно, и да избегаат од бурното секојдневие. Нека овие мои насоки бидат еден вид на размислување за сите, места за шетање со асфалт и плочки има многу  во градот, но парковите треба да останат тие ,природни светињи’“, рече Групче.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

По вторпат транспортирано лице со мозочен удар од Унгарија со полициски хеликоптер

Лице со мозочен удар денеска беше превезено од Уггарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР, опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Ова е вторпат да се...