Откако пред неколку дена стапи на сила времената забрана за примање деца во градинка кои не се вакцинирани од МРП вакцината (за морбили, рубела и паротитис), многумина родители на социјалните мрежи прашуваа дали веднаш по примањето на вакцината можат да ги испратат своите деца во градинка, или пак, треба да поминaт одреден период дома.

Иако има лекари кои тврдат дека по вакцината детето треба да остане дома неколку дена, во меѓувреме, во градинка се примаат сите деца кои биле вакцинирани истиот или претходниот ден.

Педијатарот Весна Стојанова – Атанасовска, за „Мета“ вели дека по примањето на МРП вакцината детето треба да остане дома десетина дена.

– Откако детето ќе прими МРП вакцина потребно е да остане дома десетина дена, а притоа треба да се зголеми внесот на витамини и на здрава храна. Повикувам на вакцинирање, меѓу другото и од мое лично искуство. Сметам дека невакцирани деца не треба да се примат во градинка, бидејќи се потенцијал за ширење инфекција и зараза, која е сериозна опасност за сите. Порачувам родителите кои читаат и знаат нешто повеќе, на кантар да ги стават нус-ефектите и од едното и од другото и да одлучат. Моите деца се вакцинирани, децата на моите поблиски пријатели и роднини се вакцинирани, пациентите кои имаат доверба во моето работно искуство се вакцинирани. Ние сме безбедни во оваа епидемја, бидете и вие – порачува докторката.

Проф. д-р Александра Грозданова, претседателката на Комитетот за имунизација, вели дека вакцините што сега се користат се давале десет години наназад и несаканите реакции се точно опишани и од производителот, но и педијатарот ги советува родителите што може да се очекува.

– Тоа се најчесто фебрилни состојби, температура, болка на местото на давање, малаксаност, и тоа е она што е очекувано. Сепак, препорака на педијатрите е дека не би имало проблем доколку детето веднаш по вакцината појде во градинка – рече Грозданова.