Српската полиција уапси двајца државјани на Србија за кои Црна Гора распиша меѓународна потерница поради сомнеж дека учествувале во обид за терористички напад на денот на изборите во Црна Гора на 16 октомври 2016 година, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Уапсени се Немања Ристиќ и Предраг Богиќевиќ, потврдиле денеска од српското МВР.

Црногорското обвинителство на почетокот на декември минатата година распиша меѓународна потерница по нив и по уште двајца државјани на Русија. Тие се осомничени дека организирале криминална група која за изборниот ден планирала упад во собранието, апсење и ликвидација на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ.

Еден од уапсените, Ристиќ, на 13 декември во Белград се фотографирал покрај министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.

Тој тогаш изјавил дека е наклеветен и дека неправдено му се припишува учество во подготовка на државен удар на Црна Гора.