fbpx

По победата на гевгеличани, валандовчани инсистираат на референдум за Казандол

-

Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ денеска побара одржување на јавна седница на Советот на Општина Валандово на која ќе присуствуваат и граѓаните, а на која единствена точка на дневен ред би била иницијативата за референдум дали се за или против отворање рудник за бакар, злато и за сребро во областа Казандол.

Од иницијативата, која претежно ја сочинуваат млади луѓе, вчера поднеле писмено барање за одржување референдум, адресирано до градоначалникот и до Советот на Општина Валандово, но дознале дека е веќе закажана седница на Советот.

„Според информациите од медиумите, закажана е седница на која јавноста и иницијативата „Спас за Валандово“ се исклучени од седницата, а инвеститорот ќе биде присутен. Исто така, нашето барање за референдум воопшто не е поставено на дневен ред на седницата закажана за четврток“, се вели во известувањето на фејсбук-страницата.

Завчера активисти ги посетиле советниците на Општина Валандово за да ги презентираат досегашните активности и да ги образложат барањата. Членовите на оваа иницијатива велат дека и покрај тоа што постапката за давање концесија за експлоатација на минералните суровини од Казандол е завршена и дозвола е веќе дадена на инвеститор, треба да се слушнат граѓаните и да се смени одлуката.

„Од нив беше побарано итно да одговорат на барањето на група нивни колеги советници, да се закаже седница на Советот на Општината, на која ќе биде гласано да се распише референдум за отварањето на рударски комплекс во нашата општина“, соопштуваат од иницијатива.

Активистите се револтирани што е закажана седница без нив и велат дека за работа што ги засега сите, мора сите да бидат сослушани.

„Ние сметаме дека отварањето на рударски комплекс ќе биде погубно за иднината на општина Валандово. Референдумското прашање за или против рударски комплекс, според нас е прашање „да се биде или не“ за Валандово. Имајќи го тоа предвид, свесни сме за одговорноста што се исправува пред секој од нас. Ова е прашање кое не може да биде затворено од неколку луѓе зад затворени врати, затоа што Валандовската Котлина, климата и еколошки чистата средина ни е дадена од генерациите пред нас, но ни е позајмена од генерациите кои доаѓаат. Затоа мора да се слушне гласот на секој од нас, до последен. Убедени сме дека граѓаните знаат што е најдобро за нив“, велат од иницијатива.

Концесијата за експлоатација на минерални суровини во Казандол, компанијата „Сардич МЦ ДООЕЛ“ од Скопје, зад која стои англиско-украински капитал, ја доби во февруари 2015 година, а градежните работи почнаа во август истата година. Од компанијата тврдат дека до крајот на годината ќе завршат градежните работи и рудникот ќе почне со работа.

На референдумот што се одржа во неделата, 99,1 отсто од гевгеличаните што гласале се изјаснија против отворањето рудници за злато на планината Кожуф.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...