Државната компанија АД МЕПСО, по 50 години нерешени имотно-правни проблеми, стана сопственик на трансформаторската станица Дуброво. истовремено, се работи и на уредување на имотно-правниот статус на трафостаницата Бунарџик, каде што е во тек подготовка на договор за отстапување без надоместок на една половина идеален дел од недвижниот имот на име на АД МЕПСО.

Од Министерството за енергетика и минерални суровини информираат дека со уредувањето на сопственоста на инфраструктурните објекти се создаваат услови за сигурно одржување, модернизација и натамошен развој на една од клучните точки на преносната мрежа.
„Трафостаницата изградена во 1977 година, по речиси 50 години, за првпат се евидентира со уреден сопственички статус во корист на МЕПСО. Ова не е само административно уредување на документација. Уредената сопственост е основа за планирање и реализација на идни инвестиции, реконструкции и
модернизација на преносната мрежа, особено на инфраструктурата која има стратешко значење за сигурноста и стабилноста на електроенергетскиот систем“, велат од Министерството и посочуваат дека работна група изработува геодетски елаборати со цел уредување и запишување на правата на недвижностите каде што тие досега не биле соодветно евидентирани.
Уредувањето на имотот ќе овозможи создавање на услови за реализација на новиот 110 киловолтен далекувод ТС Бунарџик – ТС Миладиновци, значаен за стабилно и непрекинато снабдување со електрична енергија на железничката инфраструктура во Македонија.