По пауза од една година поради ковид пандемијата, претстојниов викенд продолжува традицијата на одржување на прочуената културно-сценска манифестација „Галичка свадба“. На годинешното 47. издание, судбоносното „да“ во Галичник ќе го кажат Катерина Илиевска и Филип Бундовски, кој е по потекло од Галичник.
„Ние сме многу среќни што се создадоа услови оваа година да продолжиме со оваа вековна традиција на Мијаците, која секако зазема посебно место во богатото македонското културно наследство. Подготвени сме да ги пречекаме и да им посакаме добредојде на сите посетители од земјава и од странство кои ќе дојдат во Галичник да ги видат и одново да им се воодушевуваат на уникатните свадбарски обичаи и адети, проследени со богатиот колорит на народни носии и изворните песни и ора карактеристични за овие македонски краеви“, изјави Александар Костиќ од организацискиот тим на Месната заедница Галичник, на денешната прес конференција.
Тој упати апел до сите што ќе дојдат во Галичник да ги почитуваат мерките и препораките за заштита од ковид-19.
Покровител на годинешната Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи е Министерството за култура.
Според министерката за култура Ирена Стефоска, Галичка свадба е чувар на традицијата и наше скапоцено нематеријално културно наследство.
Традиционално, официјалниот почеток на Галичка свадба ќе биде означен во сабота, 17 јули, со поставување на свадбарското знаме и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Венчавањето на младенците ќе биде во недела, 18-ти јули, во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“ во Галичник.
Свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите. Забавните и музичките содржини прилагодени за сите генерации, започнуваат во петок, 16 јули, со настапот на групите: Тоа е Тоа, Љубојна и БендОфф.