По најавената мобилизација во Русија на околу 300.000 луѓе, која почнува денеска, експресно почнало купување за авионски билети од Москва за земји во кои Русите можат да влезат без виза, како Турција, Ерменија, Грузија и Србија. Билетите за Истанбул и за Ереван се распродале во многу кус период, пишува „Бизнис Инсајдер“.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска објави делумна воена мобилизација, која почнува веднаш, заради следната фаза на руската инвазија на Украина.
Како резултат на тоа, сите билети на руската државна авиокомпанија „Аерофлот“ за летови од Москва за Истанбул денеска и во следните три дена се распродадени.
Летовите на „Аерофлот“ од Москва за Ереван, главниот град на Ерменија, од денеска до викендот се исто така распродадени.
Од она што може да се види на руската платформа за патување „Авиасејлс“, дефинитивно повеќе нема билети за Истанбул, Ереван и Белград. „Авиасејлс“ е најпопуларната руска платформа за авионски билети. Цената на билетите на овој сајт вртоглаво растеше од минута во минута и достигна речиси 4.500 евра за билет во еден правец за Истанбул.
Пребарувањето што „Мета“ го направи на „Авиасејл“ попладнево покажа дека продаваат летови од Москва за Истанбул за денеска во 20 часот и за утре во 15 часот, но на авиокомпанијата „Јамал“. Но ситуацијата се смени за само 10 минути и тие билети веќе беа распродадени.
Првичното пребарување за билет во еден правец за денеска покажа дека тој чини 325.957 рубљи (4.433 евра). Но по само 10 минути, повеќе не можеше да се купи тој билет, односно сите места се веќе распродадени.
Иста е ситуацијата и во однос на билетот за утре во 15 часот. Првично добивме можност да купиме билет за Истанбул за еден човек во еден правец за 163.012 рубљи (2.217 евра). Но, како и во случајот за билетот за денеска, по само 10 минути, повеќе немаше билети за утре.
Откако Путин ја најави „делумната мобилизација“, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу објасни дека околу 300.000 луѓе ќе бидат опфатени со делумната воена мобилизација. Тој објасни дека ќе бидат повикани само оние лица кои имаат претходно армиско искуство. Според Шојгу, Русија не се борела против Украина, туку против целиот запад.