По наредба на јавен обвинител, локацијата во Вруток и натаму е обезбедена, а во меѓувреме се чекаат анализите на водата од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), информираат денеска од Јавното обвинителство.
„Основното јавно обвинителство Гостивар е во постојана координација со ИЈЗ, каде по наредба на јавен обвинител се вршат анализите и испитувањата на квалитетот на примероците од водата во гостиварскиот водовод. Според најавите, резултатите треба да бидат готови утре и да бидат доставени до надлежното обвинителство, по што ќе се донесе одлука за натамошниот тек на постапката, а јавноста ќе биде известена“, информираат денеска оттаму.
ИЈЗ денеска објави препораки за населението во Гостивар, по забраната за употреба на водата за пиење од градскиот водоводен систем, која Агенцијата за храна и ветеринарство ја изрече на 17 јули, поради сомнение дека водата е загадена и небезбедна за употреба.
Од ИЈЗ апелираат граѓаните строго да ги почитуваат препораките сѐ до официјално известување од надлежните институции дека водата повторно е безбедна за пиење.
