По известувањето на Порталб, просторот кај Скејтпаркот во Тетово е исчистен а тревата искосена [фото]

Фото: Порталб.мк/Фисник Џелили

Четири дена по веста на Порталб.мк, просторот на Скејтпаркот кај Автобуската станица во Тетово е исчистен, а е искосена и нараснатата трева, која претставуваше ризик овој простор повторно да се претвори во локација што не личи на парк, пишува Порталб.мк.

Вработени во Јавното комунално претпријатие „Тетово“ денеска ја искосија тревата во паркот, што не беше направено веќе неколку месеци.

Вака изгледа денеска просторот каде што беше покосена тревата:

Фото: Порталб.мк/Фисник Џелили

А вака изгледаше до вчера:

Фото: Порталб.мк/Фисник Џелили

Како нерешен проблем на овој простор по реконструкцијата во август минатата година останаа двата столба на кои не е поврзано јавното осветлување. Од Општина Тетово ветија решение на проблемот, но без конкретен рок.

„Во овие столбови имаше дефект на спроводникот на струјата. Во наредните денови дефектот ќе биде саниран“, рекоа од Општина Тетово.

Инаку, овој простор заедно со тој кај поранешното Радио Тетово пред четири години беше среден од 45 волонтери на невладината Toestand од Белгија, околу 20 од невладината Termokiss од Косово и волонтери на невладината организација Democracy Lab од Тетово. Овој парк редовно е запоставен од надлежните, додека Social Cultural Space Tetova редовно апелираа за одржување на овој простор, па дури и самите помагаа во неговото чистење.