Фото: Арбнора Мемети

Незадоволни од донесената пресуда од три доживотни и две казни од по девет и 15 години затвор за случајот „Монструм“, роднини на осудените повикаа на протест бидејќи како што кажаа, тоа е единствениот начин на борба. Бедри Ајдари, роднина на еден од осудените во случајот, денеска пред Кривичниот суд во Скопје рече „ова е еден вид на војна“.

„Ова не е правна држава и нема правен систем. Најавувам протести и ги повикувам челниците на државата да протестираат како што ние протестиравме за правниот систем да се регулира. Тоа не се случи и барам од политичките партии кои го поддржуваат чинот, да се повлечат и да се дистанцираат од оваа одлука и тие да ни се придружат. Ќе протестираме во петок и ова е еден вид на војна. Тука сме и ќе се бориме, какви ни се средствата, така ќе дејствуваме”, изјави Ајдари по изрекувањето на пресудата.

Претходно во судницата обвинетиот Фејзи Азири рече дека допрва ќе се изнесуваат аргументи за, како што вели, вистинските нарачатели на грозоморното убиство.

„Љубомир Јовески и Вилма Русковска, нека дојдат кај мене во затворот во Шутка да им дадам докази за нарачателите и организаторите на убиството. Ако не ми дозволат да ја поднесам пријавата во рок од десет дена, доказите ќе ги споделам со јавноста и странските амбасади“, изјави Азири.

Претходно, роднини на осудените протестираа пред зградата на Министерството за надворешни работи бидејќи полицијата не им дозволи на демонстрантите да се доближат до седиштето на Основното јавно обвинителство. Организаторите на протестот побараа разрешување на обвинителката Фатиме Фетаи, откако таа побара за тројца од обвинетите доживотни казни затвор, за двајца долгогодишни казни затвор, додека за еден обвинет побара ослободителна пресуда.