Откако пред еден месец Агенцијата за храна и ветеринарство информираше за низа неправилности поврзани со млечните производи кои се продаваат на рафтовите во продавниците, сега не открива подетални информации од наодите за сувомеснатите производи.
Во соопштението до јавноста од АХВ кое се однесуваше на измами во преработките од млеко, меѓудругото, пишуваше:
„Се чека комплетирање и на резултатите за тестираните сувомеснатите производи, за што јавноста дополнително ќе биде известена“.
Сепак, јавноста до денеска не е известена подетално за наодите во тој извештај. Затоа Мета го побара документот и повеќе информации за овие производи, но до овој момент нема одговор од институцијата иако тие информации се од јавен интерес. Она што го добивме беше кус одговор од директорот Оливер Миланов, кој кажа дека со месните продукти сè е во ред.
„Со месните продукти сè е во ред. Нема големи отстапки, во ред се“, рече Миланов.
Во пресрет на Светскиот ден на млекото, 1 јуни, АХВ информираше дека од земени и анализирани 45 мостри од млеко и млечни производи, дури кај 10 компании утврдено било дека анализираните примероци не одговараат на одредбите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи, односно, со тестирањата констатирано е дека во производите има помал процент на млечни масти од декларираното.
Кај една компанија од која се земени 22 килограми ситно сирење како мостри, било утврдено дека наместо 20 проценти, како што е декларирано, во сирењето имало само 1 процент млечна маст. За ова на фирмата ѝ била изречена парична казна од 3.500 евра. На осум други компании, меѓу кои и увозници и производители, за слична измама на потрошувачите, односно помал процент на млечна маст од декларираното, им биле изречени казни од по 1.050 евра. На уште една млекара која наместо млечна маст користела палмина маст АХВ ѝ изрекла казна од 1.300 евра. Од оваа млекара биле одземени половина тон (500 килограми) „млечен производ“ и безбедно биле уништени на депонија.
Директорот Миланов, на прашањето на Мета кои компании и нивни конкретни производи се „спорни“, тој одговори дека согласно Законот за лични податоци и согласно Законот за потрошувачите и согласно Законот за информации поврзани со храната, не може да каже за кои фирми станува збор.
Во врска со прашањето за тоа дали АХВ ќе иницира зголемување на казните за вакви случаи, Миланов информира дека во финална фаза биле измени на Законот за прекршоци во кој казните ќе биле поголеми.
Проф. д-р Соња Србиновска од Институтот за анимална биотехнологија при Факултетот за земјоделски науки и храна на УКИМ, за Мета кажа дека правилата во оваа област не се нови и дека уште од 2011 година постои јасна регулатива според која производ во кој млечната маст е заменета со палмина маст не смее да го носи називот „сирење“.
„Очигледно е дека правилникот не се почитува. Ова е измама и компаниите ова го прават за да заработат. Казните што им се изрекуваат се премали и мора да бидат многу поригорозни“, кажа Србиновска.
