fbpx

По изборите, промена на силите во Европскиот Парламент

-

Европскиот Парламент ја задржа ориентацијата што ја имаше досега, не се очекува промена на европската политика кон Северна Македонија, иако во некои важни европски земји, националистите победија пред проевропските партии. Вака граѓанските организации и советниците на премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски ги коментираат резултатите од европските избори, пишува „Порталб“.

Шефот на делегацијата на Владата на Северна Македонија за преговори со Европската Унија, Бојан Маричиќ и советникот на претседателот, Денко Малески, се оптимисти дека европската политика кон Северна Македонија нема да се промени, иако популистичките партии го зголемија влијанието, додека проевропските загубија дел од моќта.

-Ако ја земеме предвид целата слика, тогаш можеме да видиме дека постои голем пораст како кај зелените така и кај либералите, кои се со проевропски опции, и генерално целокупната слика на Европскиот Парламент е позитивна, бидејќи проевропските партии имаат јасно мнозинство. Ако ги погледнеме поединечно некои држави, некаде има полош резултат на проевропските партии, некаде на популистичките. Сепак, целокупната слика дава надеж дека нема да има лоши последици за Западен Балкан и нашиот европски пат. Врз основа на овие резултати, не би требало да има застој на политиката на проширување, немаме такви најави. Ќе видиме како ќе биде димензионирана Европската комисија, каква ќе биде нивната политика, но врз основа на овие резултати, политиката на проширување нема да биде сопрена – вели Маричиќ.

И советникот на претседателот на државата, пензионираниот професор Денко Малески, смета дека проевропската ориентација е зачувана и дека Северна Македонија не треба да се плаши, бидејќи не се очекува пресврт во целокупниот курс на Европската Унија.

– И покрај тоа што не треба да се потценува, порастот на десницата во важни земји на ЕУ, на крај важно е тоа како ќе биде составот на Европскиот Парламент. Во тој Парламент, кој ќе ја избере Комисијата, ќе доминираат актуелните политички ориентации, првенствено народните партии, а на второ место социјалдемократските партии, сега нив ќе им биде потребна поддршката од помалите партии, но тоа ќе се случи најверојатно со зелените, кои пораснале. Според тоа, проевропската ориентација е зачувана и во таа смисла не треба да се плашиме дека ќе има пресврт на општиот курс на Европската Унија, таа проевропска ориентација ќе се одрази на изборот на Европската Комисија и следниот претседател така што и овде не треба да очекуваме голем пресврт, за нашата среќа. Политиката за проширување ќе продолжи, без Велика Британија, која беше наш моќен поддржувач – вели Малески.

На иста линија се и невладините организации, кои оценуваат дека и покрај комплексните ситуации што ќе произлезат од овој изборен резултат, започнатите процеси со Северна Македонија ќе продолжат, односно во јуни ќе се добие датум за отпочнување на преговорите.

-Резултатите од изборите најавуваат фрагментиран Парламент, што подразбира посложено донесување одлуки и потреба да се создадат коалиции за унапредување на одредени политики и стратегии, а тоа важи и за проширувањето на ЕУ. Од друга страна, за време на изборната кампања, политичките партии во ЕУ беа фокусирани на други теми, а не на проширувањето на ЕУ, оваа тема се спомнуваше многу малку и беше на маргините на политичките дебати. Сепак, се надевам дека започнатите процеси за нашата земја нема да престанат и дека во јуни Советот на ЕУ ќе препорача да се даде датум за почеток на преговорите. Но, без оглед на одлуката, важно е реформите да продолжат, да не се забавуваат, туку да се забрзаат – вели директорот на Фондацијата Метаморфозис, Бардил Јашари.

Малинка Ристевска од Институтот за европска политика вели дека во контекст на добивање датум за преговори, ситуацијата во Северна Македонија и понатаму е тешка.

-Политичкиот спектар во Европа е значително променет, но за среќа – не во полза на екстремната десница. Што се однесува на можноста за одлука за датум за преговори со Македонија во јуни, ситуацијата е еднакво сериозна, најмногу поради резултатите во Франција. Таму партијата на Ле Пен има подобри резултати од Макрон, но не победи со голема разлика, како што се очекуваше. Оттаму, не се очекуваат големи промени во позицијата на Франција за започнување на преговори со Македонија – што подразбира максимално внимание од нив, но изборните резултати не се такви да се исклучи можноста за датум за преговори – вели Ристевска.

Инаку, изборите во Европскиот парламент го отворија патот за политички промени во Европската Унија, бидејќи најголемите партии во центарот и партиите на левиот центар, го изгубија мнозинството, додека еколозите, екстремно десничарските партии и про-бизнис групите го зголемија своето присуство.

Таканаречената „Голема коалиција“ меѓу Европската Народна Партија и Сојузот на Социјалистите и Демократите го нема веќе мнозинството. Еколозите имаат добри резултати, бидејќи зелените партии добија рекорден број места во неколку држави, вклучувајќи и 20 отсто од гласовите во Германија, што во исто време означува двојно поголема поддршка за оваа партија, во споредба со европските избори одржани во 2014 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.