Поранешниот функционер во ВМРО-ДПМНЕ и министер за образование и здравство, Никола Тодоров, во разговор за Дојче Веле, испрати, како што вели, „отворен и искрен повик до Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ” да поведат постапка за разрешување на Иванка Василевска од Извршниот Комитет, како и дисциплинска постапка за нејзино исклучување од партијата. Реакцијата следи по интервјуто на Василевска за српскиот портал „Стање ствари“ во кое таа вели дека му се восхитува на Вучиќ за политиката на неутралност, дека грешка на Груевски било признавањето на независноста на Косово и дека новиот претседател во договор со Албанците сака да направи попис заради создавање функционална федерализација.

Професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Василевска, по бурните реакции на социјалните мрежи испрати демант до српскиот медиум каде ја демантираше формата („не се работи за интервју, туку за слободен разговор, академско толкување на состојбите на Балканот”), но не ја демантираше содржината на изјавите кои предизвикаа незадоволство во јавноста. Таа исто така вели дека единствениот грев на Груевски бил тоа што не сакал да потпише договори со Грција и со Бугарија какви што потпишал Заев.

– Како долгогодишен член и функционер на ВМРО ДПМНЕ, неправедно исклучен поради јавно искажан збор и борба за остварување на стратегиските цели на партијата и државата, испровоциран од интервјуто на г-ѓа Иванка Василевска од 24.10.2019 за српскиот медиум ‘stanjestvari.com’, ги повикувам и апелирам веднаш да ги свикаат надлежните тела на партијата и без одлагање да ја разрешат г-ѓа Иванка Василевска од функцијата член на ИК на ВМРО- ДПМНЕ, како и да поведат дисциплинска постапка за нејзино исклучување од партијата, бидејќи делува и работи спротивно на стратегиските цели и интереси и на партијата и на државата. Ова, од причина што Василевска со посоченото интервју сериозно го наруши угледот и реномето на ВМРО-ДПМНЕ, како дома така и во странство – вели Тодоров за „Дојче веле“.

Тој, неутралноста од која се одушевува Василевска, со оглед дека Србија има почнато преговори со ЕУ, ја гледа како противење на земјата кон НАТО и наклоност на Василевска за „српската политика на кокетирање со Русија“.

Тодоров вели дека доколку раководство на партијата не поведе постапка за Василевска, „сега и веднаш, ќе остави простор ВМРО-ДПМНЕ да се смета за партија која подржува неутралност (старата политика на неврзаните) и дека е против НАТО“.

– Ова никако не смее да го дозволите. По ниедна цена. Па и по цена да изгубиме некој глас поради ова. Не е важно дали сме пред избори или по избори, дали сме на власт или во опозиција, ВМРО ДПМНЕ не смее да отстапи од своите стратегиски цели и интереси. Делувајте брзо и одлучно. Секое калкулирање или колебање ќе нанесе дополнителни и несогледливи последици по партијата – порачува Тодоров.

Во демантот што го испратила Василевска по јавните реакции, единствено што личи на сериозно демантирање е тоа дека не се пренесени нејзините ставови и толкување за црковниот спор „при што целосно е лажно пренесен ставот кој што се однесува на заживувањето на т.н. Црква на Вранишковски, а не на Македонската православна црква“.

Но, тоа не е воопшто демант, вели Петар Богојески, еден од реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ кои се произнесоа уште додека Груевски беше на чело на партијата.

– Смешни се тие обиди за деманти, кога оној кој се обидува сам да се демантира, не ги демантира тезите или не ги изменува, туку само се обидува да каже дека интервјуто било усно, а не писмено. Што е тука разликата? Што е тука демантирано? – прашува Петар Богојески, кој беше дел од инцијативата за внатрешни реформи во ВМРО-ДПМНЕ.