По хакерскиот напад, „iKnow“ системот на УКИМ е вратен во функција

фото: Принтскрин / www.iknow.ukim.edu.mk

„iKnow“ електронскиот систем на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) е повторно во функција, велат за Мета.мк од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Системот профункционира откако три дена студентите, поради хакерски напад, не можеа да пристапат до истиот.

Од ФИНКИ информираа дека студентите сега можат да ги пријават испитите за претстојната испитна сесија, како и дека повторно функционираат и платформите за учење Teams и Courses, каде студентите ги наоѓаат и преземаат материјалите за учење.

„Мета.мк“ денеска пишуваше дека ДДОС-напад е причината поради тридневното нефункционирање на „iKnow“ системот. УКИМ летово се соочи со неколку вакви напади, а хакери го преземаа и Фејсбук профилот на Универзитетот.

Во меѓувреме, веб-страницата на Министерството за образование и наука (МОН) и понатаму не работи. Од ова Министерство сѐ уште не одговорија на прашањата на Мета.мк за тоа која е причината за нефункционирањето на нивниот сајт.

iKnow системот на УКИМ под хакерски напад, паднат е и сајтот на МОН