По година и пол од најавата, отворен новиот стационар за бездомни кучиња „Лајка“ (галерија)

Фото: Град Скопје

Лајка не е само објект, Лајка не е само ова што го гледате. Лајка е еден посебен концепт на третманот на бездомните животни. Ова официјално значи историја за поранешниот стационар или концепт Вардариште. Со овие зборови градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов официјално го отвори стационарот „Лајка“ по скоро година и пол најави.

„Капацитетот на објектот е околу 100 кучиња. Станува збор за еден од најдобрите стандарди што се пропишуваат во оваа област. Целиот објект е опремен со подно греење, со цел да им обезбедиме комоција на животните. Секој простор е засебен, тргнати се прифатилиштата, тргнато е приемното одделение. Има амбуланта, операционала сала, соба за интензивна нега, соба за пост оперативен третман, како и карантински дел. Се надевам дека ќе почнеме системски да го решаваме овој проблем и за една до две години од сега го намалиме бројот на бездомни кучиња, како и на луѓето коишто се каснати од истите“ истакна градоначалникот Шилегов на отворањето.

Во мај претходната година, Шилегов ја најави реконструкцијата на тогашниот стационар Вардариште, ветувајќи системско решавање на проблемот со бездомните кучиња. Стационарот доби ново име „Лајка“, а за в.д. директорка беше именувана Тина Петрушевска.

„Жал ми е што граѓаните мораа да почекаат, но квалитетот и ефикасноста на услугата што ќе ја понудиме ќе им надокнади за целиот тој период. Дневно имаме над 30 јавувања од граѓани кои бараат одредени кучиња да се дислоцираат. Да напоменам дека стационарот е транзит зона каде ќе се извршуваат сите крвни и останати анализи, процесот на стерилизација и кастрација. Животните ќе бидат микрочипирани и евидентирани со ушни маркици коишто ќе имаат код со секоја населба, што значи дека ќе бидат вратени во истата населба од која што се заловени доколку не се вдомат“ изјави директорката Петрушевска, на денешното отворање на претпријатието.

Таа ги демантираше шпекулациите дека во Скопје има над 13.000 бездомни кучиња, бидејќи како што појасни во соработка со Факултет за ветеринарна медицина и Агенцијата за храна и ветеринарство направена е анализа по англиска метода и конечната бројка изнесува 1.970 кучиња.

„Можеби изгледаат повеќе, но тоа е така бидејќи се собираат по чопори. Наша цел е на хуман начин да ги разбиеме тие чопори, а граѓаните да се чувствуваат безбедно“ рече Петрушевска.

Директорката на „Лајка“ потенцираше дека има огромна разлика во Вардариште и Лајка, особено во инфраструктурата. Таа појасни дека досега просториите не биле одделени, а сега освен мал административен дел, има и амбуланта која е во сопственост на градот и е исклучиво за бездомните кучиња. Покрај ова, Лајка располага и со карантински дел кој е поделен и ќе биде под надзор за оние кучиња кои каснале граѓани, како и дел за болни кучиња кои ќе се ресоцијализираат и подоцна ќе имаат можност да најдат свој дом.

Во врска со вдомувањето бездомни животни, Петрушевска истакна дека граѓаните преку веб страна, телефонски линии или мејлови на претрпијатието ќе може да се информираат за вдомување или пак, да дојдат на средба со цел да ги видат животните и да ја почнат постапката.

„Мета.мк“ веќе пишуваше за горливиот проблем со бездомните кучиња. Податоците што „Мета.мк“ ги доби од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во периодот 2017-2020 година на територија на Град Скопје, вкупно 1.454 граѓани пријавиле каснување од куче во МВР. Најмногу од нив се однесуваат на минатата година, кога се евидентирани 618 пријави. За горенаведениот период освен во Скопје, најмногу пријави (426) пристигнале до СВР Охрид, а најмалку (58) во СВР Штип.

Од почетокот на оваа година до крајот на месец август, до МВР стигнале 446 пријави за каснување од куче. Минатиот месец, 45 луѓе пријавиле во полиција за истиот основ.

Изминатава година неколку пати беше најавувано отворањето на стационарот, со изговор дека реконструкцијата е во финална фаза. Ваков одговор доби и „Мета.мк“ оваа пролет, а откако во јуни се одложи отворањето поради пандемијата, истото беше најавено за првата половина од септември. Кон крајот на минатот месец, градоначалникот Шилегов изјави дека се чекаат резултатите од тестирањата за ковид-19 на вработените во стационарот, сè со цел работата да се одвива во безбедни услови. Поради ова градоначалникот, но и директорката на претпријатието беа под критика на јавноста за изговорите со кои се одложуваше отворањето.

Во минатото постојано се критикуваше нехуманиот однос врз бездомните кучиња во стационарот Вардариште, за кој сведочеа сликите од условите каде што беа чувани животните. Минатата година, Агенцијата за храна и ветеринарство конечно стави клуч на стационарот Вардариште. При извршена контрола, Агенцијата утврди појава на заразни заболувања кај бездомните животни и непостапување по дел од утврдените пропусти во работењето.