Фото: Арбнора Мемети

Со изгласаниот ребаланс на државниот буџет на Министерството за животна средина и просторно планирање му биле доделени 20 милиони денари (325.000 евра) за чистење на дивата депонија во близина на скопското село Визбегово, пишува порталот „СДК.мк“. Со планираното чистење на дивата депонија е планирано да се спречи и натамошното палење на отпад на ова место, а коешто предизвикува загадување на воздухот во населените места од општините Шуто Оризари, Бутел и Карпош.

Инаку, дивата депонија во близина на селото Визбегово се простира на околу 170.000 метри квадратни и се наоѓа на само пет километри од центарот на Скопје. И покрај тоа што на времето оваа локација претставувала јама само за одлагање на градежен шут, со текот на времето на неа почнало да се фрла најразновен отпад, кој се пали од несовесни граѓани, по што темни облаци чад се издигнуваат со денови после ваквиот чин, предизвикувајќи огромно загадување на воздухот.

„Порталб.мк“ и „Мета.мк“ за проблемот со депонијата во Визбегово пишуваат веќе две години по ред, при што во една од репортажите самите жители од околните населени места велеа дека проблеми со фрлањето ѓубре на локацијата немале пред 2016 година. И покрај обидите за чистење на депонијата во изминативе години, штом се исчисти дел од неа, по извесен период повторно се трупа нов отпад на локацијата, вклучувајќи го и ѓубрето што се носи од Општина Шуто Оризари.