Семејството Мијалкови од Штип покрена неколку правни постапки против државата и институциите, поради тоа што нивното аутистично дете не било примено во прво одделение. Малиот Никола Мијалков, кое е невакцинирано дете, веќе два месеци не оди на училиште поради недоставување на медицинска потврда. При тоа, родителите тврдат дека немаат ниту еден писмен одговор зошто нивното дете е надвор од настава.  Но, од училиштето велат дека детето е веќе запишано и треба да почне да следи настава.

– Ускратено ни е основното човеково право на образование. На првиот училиштен ден мислев дека ќе умрам. Сите деца ги прочитаа, а ние со моето дете останавме во училишниот двор. Кај првото дете се појави аутизам по вакцинирањето, поради што ние второто дете не го вакциниравме. Во овој случај невакцинирањето не е причина за непосетување на настава, бидејќи ни побараа документ во кој се потврдува дека оваа вакцина треба да биде одложена. Документот и сè што побараа ние доставивме, но, еве моето дете сè уште не е тргнато во прво одделение – вели таткото, Зоран Мијалков.

Два месеци по почетокот на училишната година, Мијалкови одлучиле да ангажирале адвокат, кој бара од судот изрекување времена мерка, за Никола, кој има аутизам, да почне со настава. Адвокатот Трајче Торов веќе покрена постапка до Уставниот суд и претставка до Уставниот суд.

– Барањето за упис во основно образование е поднесено уште во мај, по него нема никаков одговор. Надлежните институции молчат и затоа покренавме постапка по институтот молчење на администрацијата. Катастрофа е детето да не оди на училишто. Тоа е стигматизирано, дискриминирано, одделено од генерацијата, жигосано. Уставот е категоричен. Основното образование е задолжително. Нема исклучок за отстапки од тоа право – изјави адвокатот Торов.

Аргументите на адвокатот е дека на ваков начин децата се казнуваат со казни кои не се предвидени во нашиот правен систем. За непримање задолжителна вакцина казната е прекршочна, се плаќа парична казна и не смее да се казнува со лишување од образование, вели тој.

Од основното училиште „Ванчо Прке“, каде е упатено барање за упис во прво оделение на Никола Мијалков, тврдат постапиле според законот и препораките од Министерството за образование и наука. Директорот Мијалче Папаров објасни дека ја имаат запазено целата постапка и не разбираат зошто семејството реагира сега, бидејќи детето е веќе запишано. 

– Веќе му е одреден наставник, денеска треба да се јави на настава. Ние реагиравме правовремено. Моравме да ги комплетираме документите. Ние пуштивме барање до Општина Штип, до ресорното министерство овде, потоа барањето го проследивме до МОН, по што добивме мислење дека ученикот треба да биде запишан – изјави Мијалче Папаров, директор на ОУ „Ванчо Прке“.

Таткото на Никола, Зоран Мијалков, попладнето соопшти на прес конференцијата дека од училиштето добиле известување дека неговиот син треба да се јави на настава во втората смена.

Инаку, според евиденцијата на Општината Штип, од учениците, кои се запишани во прво одделение, немаат примено вакцина само две деца и поради здравствени причини.