Архивска фотографија | Фото: Влада на РСМ

Повеќе од 1.800 кандидати се пријавиле на конкурсот за прием на 200 професионални војници во АРМ, за кој се во тек физички проверки на кандидатите. Неколкукратно зголемениот интерес се должи на поедноставените процедури и на подобрените услови за работа, смета министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска.

– На првиот конкурс (во нејзиниот мандат, н.з.) пред три години, за 125 професионални војници имавме едвај 200 кандидати. На почетокот на годинава, за 70 места имавме 700 пријавени. Сега, за 200 места имаме над 1.800 кадидати, изјави Шекеринска на денешната посета на процесот на селекција на кандидати на воениот стадион во Скопје.

Шекеринска смета дека интересот е зголемен поради членството во НАТО, зголемените плати и вратената доверба во Армијата.

Една од причините, додаде министерката, се и законските измени со кои доброволното служење воен рок веже не е услов за пријавување на огласот за професионални војници.

– Со старото законско решение, кандидатите прво ги теравме три месеци доброволно да служат војска, па ако има потреба, да се пријават на оглас. Луѓето губеа верба, на конкурсите немаше доволно пријавени што минале доброволно служење воен рок. На почетокот на годинава го сменивме законот и сега секој пријавен на конкурсот три месеци го минува то што го минале доброволните војници, објасни Шекеринска.