Околу 9 часот утрото на 9 декември, по четиридневна блокада, приватните превозници почнаа да ги отстрануваат автобусите од крстосницата кај Црвен крст во центарот на Скопје | Фото: Мета.мк

Приватните превозници утрово почнаа да ги отстрануваат автобусите кои во понеделникот, на 05 декември, ги паркираа на три крстосници во главниот град. Со тоа сообраќајот во главниот град повторно почна да се одвива, колку-толку, по нормално.

Превозниците најавија дека од денеска ќе го блокираат булеварот „Илинден“ и тоа четирите ленти во двата правци почнувајќи од бараките на Град Скопје до „Ми-Да“. Од „Слобода превоз“, кои се организатори на блокадите, велат дека локалната власт во Скопје била единствениот виновник „за ситуацијата“ и сакале да ги поштедат граѓаните.

Главниот град четири дена беше блокиран од паркирани автобуси на приватните превозници. Блокади имаше кај трговскиот центар „Мавровка“, кај Црвен крст како и на булеварот „Илинден“ кај бараките кај Град Скопје. Сообраќајот се одвиваше отежнато, а возачите беа принудени да менуваат траси на движење за да можат да стасаат на работните места, на лекар и на училиште.

Според досегашните изјави, скопската градоначалничка Данела Арсовска негира дека постои долг и нема намера да го исплати. „Слобода превоз“ тврди дека ЈСП им должи 1 милион евра, додека „Макекспрес“ бара исплата на долг од половина милион евра.

Градот Скопје ги раскина договорите со „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ и иако градоначалничката најави нов повик за склучување договори со нови превозници, тоа сè уште не се случи.

Данела Арсовска пред една година стана градоначалничка со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и претседателот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски, кој воедно е и лидер на про-руската моторџиска група „Ноќни волци“. Арсовска во кампањата ветуваше брз и ефикасен автобуски јавен превоз, кој ќе биде бесплатен за сите. Една година подоцна, јавниот превоз е во катастрофална состојба, сообраќајот во главниот град е во колапс, а бесплатниот превоз не е ниту на повидок.

Расправијата меѓу Ленин и Данела го оневозможи сообраќајот во главниот град