По бојкотот на наставата, сега се најавуваат протести низ земјава против дигиталните учебници

Фото: Marc Thele from Pixabay

Од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска најавија организирање на протести низ земјава, како и „Мирен марш“ во Скопје откако до крајот на денешниов ден, тие не добиле официјален одговор од Министерството за образование и наука (МОН) по однос на нивните барања доставени и разговарани на работната средба одржана на 6 мај со претставници на МОН. Тие велат дека не го добиле ниту Записникот од средбата согласно договореното со претставниците од МОН.

Во испратеното соопштение се додава дека тие ќе останат доследни на нивните ветувања пред граѓаните и ќе продолжат да се борат против Законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование. Повеќе информации за претстојните настани од оваа иницијатива најавија за утрешниот ден. Ваквиот епилог доаѓа откако претставници на МОН и граѓанската иницијатива се сретнаа на 6 мај, по што дојде до прекин на бојкотот на наставата.

Од иницијативата побараа да се стопира предлог законот, да се отвори јавна расправа и тие да бидат вклучени во новите образовни реформи, кои меѓу другото, предвидуваат дигитализација на материјалите за учење кои треба да започнат од идната учебна година. Од Министерството за образование и наука (МОН) во неколку наврати напоменаа дека гарантираат оти во никој случај нема да дозволат ниту еден ученик да остане без книги, без оглед дали се во електронска или во печатена форма.