По банирањето на Фејсбук и Инстаграм двојно се зголеми побарувачката за ВПН услуги во Русија

Фото: Danny / Pixabay

Откако руската влада го банираше пристапот до социјалната мрежа Фејсбук на корисниците во Русија минатата недела, стотици илјадници руски државјани се обидуваат да ја заобиколат забраната со користење на Виртуелната приватна мрежа (VPN), јавува Гардијан.

Виртуелната приватна мрежа креира шифрирана конекција меѓу одреден уред на корисник и далечински сервер што може да се наоѓа било каде во светот, технички секој корисник може да има пристап до сајтови и адреси што се блокирани во неговата земја.

Во текот на изминатата недела, по банирањето на социјалниот медиум Инстаграм од компанијата „Мета“, сопственик на Фејсбук и Инстаграм, владее голема побарувачка за ВПН во Русија. Во периодот меѓу 4-ти и 10-ти март пребарувањата на интернет за ВПН услугите речиси двојно се зголемија, пренесува британската компанија за препорачување на ВПН услуги, „Top10VPN“.

На 5-ти март по забранувањето на Фејсбук биле направени 260.000 пребарувања на интернет.

Одлуката за забрана на социјалните мрежи на компанијата „Мета“ присигна откако од таму одбија да ги прикриваат содржините кои според Кремљ се пораки кои повикуваат на насилство кон рускиот претседател Владимир Путин или претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, како и за руската војска која инвазијата на Украина ја нарекува „специјална воена операција“.

Во моментов во Русија е блокиран пристапот до Фејбсук и до Инстаграм, а Твитер претходната недела ја лансираше onion верзијата на која корисниците можат да ги гледаат сите објавувани содржини без цензурата што е застапена на класичната верзија на Твитер во Русија.

По овие потези на владата на Русија и по големата побарувачка и потреба за ВПН услуги, многумина се сомневаат дека она што следи е отсекување на земјата од користењето на глобалниот интернет и воспоставување на модел со заштитен ѕид налик оној во Кина каде се блокирани страниците што се сметаат за несоодветни и неполжелни и наместо тоа постои замена за нив со други.