По 20. пат доделен Инженерски прстен на најдобрите дипломирани инженери

Ова признание досега го добиле 214 најдобри студенти од инженерските професии

Фото: Инженерската Институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери

По дваесетти пат, вчеравечер најдобрите дипломирани инженери се здобија со престижното признание Инженерски прстен. Во организација на Инженерската Институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Инженерски прстен добија уште 12 нови дипломирани студенти.

Ова признание досега го добиле 214 најдобри студенти од инженерските професии.

Годинава, признанието го доделија претседателката на Инженерската Институција, Христина Спасевска и претседателката на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Кристинка Радевски, под покровителство на Претседателот Стево Пендаровски.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски им порача на носителите на Прстенот дека наградата треба да ги насочи кон перфекција.

„Признанието има цел да ве мотивира да се стремите кон извонредност. Императив во животот е постојано да се надградувате, да ги унапредувате своите технички знаења и дигитални вештини, да ги ширите вашите видици. За да бидете успешни во новите комплексни, динамични и софистицирани услови креирани од дигиталната револуција, вие не можете да се потпрете само на знаењето и на технологијата. Неопходен е и нов начин на работа и за вас и за компаниите за кои ќе работите или кои можеби сами ќе ги основате. Затоа е нужно, час поскоро да се вклучите во иновациските екосистеми за многу полесно да го најдете вашето место во Индустријата 4.0.“, порача Пендаровски.

Претседателката Спасевска рече дека во годината кога се обележува јубилеј 20 години од етаблирање на признанието Инженерски прстен од страна на ИМИ, на која покасно се придружи и Комората, има можност да се направи мост меѓу минатото и иднината.

Според претседателката на Комората Радевски, инженерството, моторот на техничко-технолошкиот раст на секое општество, е замаецот што го движи човештвото напред, што се справува со сите предизвици кои што се исправаат меѓу човекот и природата.

„Обврската на сите нас архитекти и инженери е да ја ставиме нашата професија во служба на безбедноста и здравјето на човекот, заштита на животната средина, но и создавање уште подобри услови за живеење. Комората, која од почетокот на оформување во континуитет во својот фокус го има инженерот, која е рамноправен член на сите значајни инженерски здруженија во регионот, Европа и пошироко, која напорно работи да одржи чекор со сите светски трендови, информатичко – технолошки и дигитални трансформации“, рече Радевски.

Бојан Софрониевски, во име на сите носители на Инженерскиот прстен го цитираше Нелсон Мандела според кој „образованието е најмоќното оружје што може да го користите за да го промените светот“.

Тој рече дека „образованието не е само средство за личен раст, туку и катализатор за позитивни промени на глобално ниво“.

„Да ја прифатиме моќта на знаењето, бидејќи тоа дава моќ да обликуваме посветла иднина, да ги срушиме бариерите и да создадеме свет во кој сите имаат еднакви можности да напредуваат“, порача Софрониевски.