По 15 години чекање, Македонија безусловно ги започнува преговорите со ЕУ

-

Македонија ги започнува преговорите за членство во Европската унија, рече денеска на прес-конференција премиерот, Оливер Спасовски. Тој додаде дека Советот за општи работи на Европската унија се согласил дека нашата држава треба во најбрз можен рок да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

„Стигна верификацијата за успех на нашите напори за истрајноста, капацитетите и политичката волја на нашите институции, да ги спроведат реформите што ги поставивме како наша цел во 2017 година. Ги затворивме четирите сотолба, судство и владеење на право, реформа на разузнавачките служби, јавната администрација и борба против криминал и корупција и постигнавме завидни резултати во сите овие области. Од денеска тоа едногласно го верификуваа државите-членки на Европската унија. Денешното признание е резултат на тешките политички одлуки на Владата и владејачкото мнозинство во Собранието, за решавање на долгогодишни спорови со нашите соседи. Без Договорот од Преспа и Добрососедство со Бугарија немаше да биде овозможен денешниот успех. Овој успех, е крај на нашето чекање од 15 години откако го добивме кандидатски статус за членство. Чекањето заврши, реформите ја кренаа бариерата, патот е отворен,“ рече Спасовски.

Спасовски додаде дека членството во НАТО и започнувањето на пристапните преговори со ЕУ се нова фаза во развојот на државата.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи рече дека изминавме долг, напорен и тежок пат за денеска да стигнеме до овој момент.

„Кога пред три години почнавме овој пат, иако со ентузијазам, не бевме целосно убедени дека овој момент ќе дојде. Од денеска влегуваме во последната фаза од остварувањето на сонот од самата независност на државата за членство во ЕУ. Денешната одлука на земјите-членки да и дадат зелено светло на Македонија за почеток на преговорите не е подарок и политичка одлука, туку признание за суштинскиот напредок на земјата,“ рече Османи.

Тој додаде дека Европската комисија доби целосно одврзани раце да почне да ја формира т.н  преговарачка рамка за земјата, по која ќе се организира и првата меѓувладина конференција што ќе претставува и официјален старт на преговорите.

„Следниот процес значи напредок за државата, реформи кои значат создавање на европски институции, напредок во образованието и науката, квалитетно здравство и здравствена заштита. Тоа е процес кој значи стабилност и предвидливост на економските текови, повеќе странски инвестиции, поголем потстрег за домашните инвеститори, повеќе работни места и примања подобар животен стандард,“ додаде Османи.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров потенцираше дека и покрај вонредните околности предизвикани од корона вирусот, особено се цени што Европската унија најде време и волја веродостојно да одаде признание за до сега сработеното.

„По 15 години седење во чекалната како земја-кандидат и по разочарувањата во јуни 2018 година, во јуни 2019 и октомври истата година конечно го поминува прагот и ќе може да ја започне следната фаза од својот европски пат. Од сега натаму ќе имаме почетна точка од која ќе го мериме времето со позитивен натпревар во спроведување на реформите и освојувањето на европските стандарди. И до сега но од сега уште повеќе од нас зависи,“ рече Димитров.

Тој додаде дека Советот недвосмислено ќе потврди дека Македонија остварила опипливи и одржливи резултати во однос на реформите.

„Советот ја поканува Комисијата веднаш да поднесе предлог-рамка за преговорите како и да ја започне неопходната подготвителна работа. Првата меѓувладина конференција ќе биде свикана што е можно поскоро, по усвојувањето на преговарачката рамка. Советот ја поканува Комисијата да го дозаврши скрининг процесот, започнувајќи со кластерот за фундаменталните вредности,“ додаде Димитров.

Долги редици пред салата „Борис Трајковски“ за подигнување на ваучери за инвертери

Денес пред салата „Борис Трајковски“ се формираа долги редици луѓе кои чекаа да си ги подигнат своите ваучери за инвертери, откако им стигнале пораки дека истите ќе можат да...