Фото: Архива на Мета.мк

Неформалното здружение за урбан велосипедизам На Точак и Здружението на граѓани Одржливи иницијативи, со поддршка на 40 формални и неформални организации во април минатата година упатија отворено писмо “Простор анти корона” до надлежните институции. Тие тогаш предложија на булеварите со повеќе ленти, најдесната лента да биде привремено наменета за велосипеди, додека велосипедската патека да биде наменета за пешаци. На улиците со широк коловоз, тие побараа да се воведат велосипедски ленти, а на маалските улици кои немаат тротоари да се ограничи брзината на движење на возилата на 20 километри на час.

На Точак, во соработка со Одржливи иницијативи и со поддршка од 40 организации пред 11 месеци побараа и просторот зафатен со платените паркинзи како тие на ЈП Градски Паркинг, Град Скопје, ЈП за ПУП – Прилеп и ЈП Паркинзи на Општина Центар кои се долж улиците да се врати на пешаците и велосипедистите, како и сите општини да ги лоцираат местата каде особено се групираат граѓаните чекајќи ред (пред маркети, аптеки, банки итн.) и да го прошират пешачкиот простор на сметка на коловозот и паркирањето.

Речиси една година подоцна, од На Точак велат дека реални мерки за олеснување на јавниот превоз и реална алтернатива – нема. Препораки за 50 отсто исполнетост на капацитетот на јавниот превоз не се мерки, ако не се обезбеди алтернатива за другите 50 отсто.

„Некоја велосипедска патека тука и таму, не се доволни. Би ви биле доволни за движење со автомобил?! Потребна е велосипедска мрежа низ целиот град, низ секое маало, исто како што има мрежа за автомобили“, велат од На Точак во нивното потсетување дека барањето “Простор анти корона” е уште актуелно. 

Тие додаваат дека без оглед дали ќе заврши ковид-19 пандемијата наскоро или ќе трае подолго, спроведување на велосипедска мрежа ќе има позитивни ефекти уште повеќе во пандемија, но и вон пандемија.

Од На Точак потсетуваат дека за буџетот на Град Скопје за 2021 година дале 9 предлози, меѓу кои еден за издвојување посебен буџет за велосипедска и пешачка инфраструктура во износ на 30 отсто од целокупниот буџет за патна инфраструктура (по 15 отсто од тип) и 4 милиони денари за ставка за слејување на рабниците на сите булевари низ градот.

„За жал овие две барања не беа изгласани од Советот на Град Скопје“, велат од На Точак.

Во меѓувреме, викендов пред просториите на Општина Струга се одржа протест по повод трагичната несреќа, во која на регионалниот пат Охрид-Струга животот го загуби 17-годишен велосипедист којшто беше прегазен од автомобил. Членови од „Велосипедскиот клуб“ од Струга побараа да се изгради лента за велосипеди на регионалниот пат Охрид-Струга и контроли на полицијата за време на викенди, потсетувајќи дека како велосипедисти и самите тие биле вклучени во сообраќајни незгоди.

Инаку, „Мета.мк“ уште лани пишуваше дека Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата во Охрид во 2015 година ја објави идејата една лента од регионалниот пат Охрид-Струга да се пренамени за велосипедистите. Коловозот на овој пат во меѓувреме се реконструираше, но велосипедистите кои патуваат меѓу двата града не добија засебен простор за движење, што доволно говори за третманот на велосипедистите во нашата земја.