Правиме сериозен план, како и на кој начин после 1 Мај да почнеме да олеснуваме некои од мерките, кои ќе бидат во функција на враќање во нормализација на животот, рече пред малку техничкиот премиер Оливер Спасовски на онлајн стрим на прес-видеосесија, на тема „Ретроспектива: коронавирус МК“. Во сесијата освен Спасовски учествуваат и заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за здравство, Венко Филипче.

– Пандемијата ни го промени животот. Бројот на заразени е она што беше и наше очекување кое имавме за во овој период. Ни беше битно да создадеме услови за работење на здравствените работници. Сметавме дека мерките за физичко дистанцирање даваат резултати, затоа и имаше одлуки за неработење на училиштата, градинките, многу компании не работеа, вклучително и оние во угостителството, туризмот. Тоа беше неопходно. Сите ќе поднесеме дел од товарот од оваа криза. Ова не е време за било каков профит, сите треба да бидеме насочени кон успешно справување со оваа состојба. Правиме сериозен план, по 1 Мај да почнеме по малку да ги олеснуваме некои од мерките, кои ќе бидат во функција на враќање на животот во нормала – рече Спасовски.

Министерот Филипче и Османи, рекоа дека по препорака на епидемиолозите се во самоизолација во траење од 14 дена. Филипче истакна дека сите мерки кои се преземени како надградба во смисла на рестрикција на движење, како и препораките за организација на производствените капацитети со цел да се овозможи физичка дистанца, сега даваат резултат.

– Сето тоа направи да имаме линеарен пораст на пациенти, што не може да доведе до колапс на здравствениот систем, како што се случуваше во Италија и во Шпанија. Сите мерки навремено ги донесовме и ни овозможија да имаме број на пациенти кој нема да ги преполни болниците – рече Филипче.

Шеќеринска пак, истакна дека уште во почетокот на епидемијата, неопходно било да да се реорганизира целата работа.

– Ни беше јасно дека ќе ни треба поинаков систем на работа кога видовме со што се ќе треба да се справиме. Имаме целосно мобилизирање на дополнителни армиски структури за справување со оваа криза. До денеска, секој ден се зголемува ангажманот на армијата. Почнавме со преземање на границите, заштита на критични витални објекти и обезбедување на карантините. Пред неколку дена имавме прилика да видиме дека сите земји искористиле ист модел. Во вакви ситуации употребивме сила која ја чувавме како резервна – рече Шеќеринска.