Победничките на пливачкиот маратон „Тоше Проески“ во Крушево / Фото: Мета.мк

Вчера, на првиот пливачки маратон „Тоше Проески“, што се одржа во организација на клубот „Вардар 2018“ од Скопје околу 40 вљубеници во пливање на возраст од 9 до 55 години од повеќе пливачки клубови во Македонија се натпреваруваа во водите на вештачкото езеро во близина на Гумење, во Крушево.

Победниците во машка категорија на пливачкиот маратон „Тоше Проески“ во Крушево / Фото: Мета.мк

„Трката беше кружна во должина од 2,5 км, се пливаа 5 кругови долги по 500 метри. Маратонот е дел од купот на Македонија. Се надеваме дека ќе продолжи и следната година“ изјавија организаторите.

Со скромниот фонд од 20.000 денари на првите тројца најдобри маратонци во женска и машка конкуренција им беа доделени парични награди, од 5.000 ден за прво место, по 3.000 ден за второ, а за трето место 2.000 денари. За најмладите учесници пак, беше организирано ревијално пливање во должина од 800 метри.

Во пливачкиот маратон и прекрасната природа, освен учесниците уживаше и публиката. Многу присутни сметаат дека овој настан треба да прерасне во традиционална летна манифестација, што ќе се одржува во чест на македонска поп икона, Тоше Проески.

Пливачки маратон „Тоше Проески“ во Крушево / Фото: Мета.мк

Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски смета дека пливачкиот маратон треба да ја зголеми туристичката понуда на Крушево. Освен пливачкиот маратон, општината планира и други спортски активности што ќе привлечат поголем број туристи.

„Во иднина сакаме да понудиме куп во кајакарење, пливање и рибарење како домашен, но и меѓународен настан, којшто ќе привлече уште поголем број гости“ вели Христоски.

Целиот настан беше организиран согласно со правилата за заштита од пандемијата на ковид-19.