Железници на РСМ – Транспорт ги демантираше информациите на ВМРО – ДПМНЕ дека патничките вагони на возовите во земјава се затоплуваат на плински боци. Од железничкото претпријатие тврдат дека во ниту еден случај не е дозволено користење на плински боци за загревање на вагоните. Реакцијата доаѓа по вчерашната информација на ВМРО – ДПМНЕ дека плински боци се вградуваат за затоплување, која што беше придружена со фотографија на која може да се види плинска боца во купе од вагон.

„Да ги потсетиме дека проблемот со ладни вагони се провлекува повеќе од 6 години наназад и дека користењето на плински боци се практикуваше во времето кога ВМРО – ДПМНЕ беа на власт и беа дел од менаџерската структура на МЖ Транспорт АД – Скопје, од кое време веројатно и потекнува фотографијата“, се посочува во демантот на националниот железнички оператор.

Тие тврдат дека во 2015 година од претходното раководство на железницата е донесена наредба со која се забранува користење на плински боци во патничките возови. Воедно, од претпријатието посочуваат дека во 2010 година била донесена одлука за продавање како старо железо на 11 патнички вагони, меѓу кои и 4 спални коли. Токму овие спални вагони имале сопствено греење, а наместо да се расходуваат, тие можеле да се адаптираат во патнички вагони.

Демантот на Железници на РСМ – Транспорт доаѓа по вчерашната информација на ВМРО – ДПМНЕ дека во возовите од Скопје кон Кичево и Кочани често немало греење, кондуктерите одбивале да работат во нив, а линиите се откажувале или доцнеле додека не се најде кондуктер што ќе управува со возот.

„Спротивно на сите безбедносно – железнички прописи во вагоните се поставуваат плински боци за затоплување кои не се соодветни за таа намена. Се уште се свежи сеќавањата од железничката несреќа во Пакистан, кога патник правел појадок на плинска боца и истата експлодирала и предизвикала пожар во кој загинаа над 70 луѓе“, се наведува во постот на „Фејсбук“ на Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО – ДПМНЕ, кој беше преземен и објавен и од некои информативни портали.