fbpx

Пленумците му побараа вето, Иванов повика на единство и на дијалог

-

Претседателот Ѓорге Иванов, кога ќе одлучува дали ќе го потпише законот за високо образование, ќе настапи како државник, а не како професор. Тој ова им го соопштил на претставниците на професорскиот и на студентскиот пленум на денешната средба, на која тие побараа тој да стави вето на законските измени.

На средбата кај Иванов, која траеше еден час и дваесет минути, беа присутни по двајца преставници од пленумите – студентите Константин Битраков и Кирил Арсовски и професорите Гордана Силјановска-Давкова и Абдулменаф Беџети.

Претседателот Иванов рекол дека на Република Македонија ѝ е потребна успешна трансформација на високото образование и изразил загриженост за тенденцијата на поделби во академската заедница. Тој повикал на единство и на дијалог за да се надминат актуелните состојби и предложил заедничка средба со претставниците на „Професорски пленум“, на „Студентски пленум“ и на Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование.

Од пленумите се надеваат дека откако му ги презентирале аргумените на претседателот, тој ќе го искористи претседателско вето како единствен механизам за влијание на извршната над законодавната власт.

– Ние сме свесни дека парламентарното мнозинство не би било спречено да го изгласа законот со апсолутно мнозинство, но постои надеж дека со тоа ќе се изврши едно, пред сè, морално и политичко влијание на Претседателот, како орган кој го црпи својот легитимитет од народот, спрема пратениците, со што ќе се утврди дека и престедателот застанал во одбрана на универзитетот и на неговата автономија – изјави студентот Константин Битраков.

Аргументите што студентите му ги презентирале на Иванов се дека државниот испит ја нарушува автономијата на универзитетот и дека тие многупати биле презентирани преку писма до надлежните институции.

– Се согласивме дека треба да има промени и реформи во образованието, но не на начинот на кој сега се презентираат пред нас и се надеваме дека претседателот ќе даде позитивна оцена на тоа сега што го презентиравме – рече студентот Кирил Арсовски.

Професорите рекоа дека укажале на некои од решенијата кои не се во рамки на автономијата и дека на претседателот Иванов му ги доставиле сите документи што го потврдуваат тоа.

Професорката Гордана Силјановска-Давкова рече дека веројатно веќе е доцна за повлекување на законот, меѓутоа тие, посветени на процедурата, решиле да посегнат по ветото на претседателот на државата како последен правен инстумент.

– Укажавме дека инструментот државен испит не подлежи под реформски зафат бидејќи со а, б, в, г, д и со обично меморирање не може да проверите знаење, а според болоњскиот процес, оценката е многу подлабока и поширока – рече Силјановска-Давкова.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.