fbpx

Платите и на новинарките и на новинарите се ниски, но на раководните места во медиумите доминираат мажите

-

Во рамките на Деновите на медиумска писменост 2020, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) денеска ја организираше дебатата „Род, плати и радиодифузија“, во чии рамки беше промовирана нивната анализа „Родова структура на платите во радиодифузијата“, како и клучните наоди од начинот на известување за родовите прашања во вестите на националните телевизии за периодот од 2012 до 2017 година.

Во однос на анализата „Родова структура на платите во радиодифузијата“, Виктор Стојанов од ААВМУ појасни дека ова е прва ваква анализа во која фокусот бил ставен на родовата структура на платите на медиумските работници и работнички во земјава. За потребите на анализата, ААВМУ успеале да добијат податоци од јавниот сервис МРТ, како и 46 телевизии и 64 радио станици што емитуваат програма на национално, регионално и локално ниво во земјава.

Податоците покажуваат дека жените заземаат доминантна позиција на работните позиции како новинарки во македонските радио и телевизиски станици, постои поприлична изедначеност на процентуалната застапеност на позицијата „уредник/уредничка“ помеѓу мажите и жените, но затоа пак на раководните позиции како управители или директори во овие медиуми доминираат мажите, идентично како и во делот на техничкиот и реализаторскиот кадар во телевизиите и радио станиците.

Во однос на МРТ, податоците покажале дека јавниот сервис имал четири управители-директори, додека само една од петте управители била жена. Од ААВМУ сепак не можеле да пронајдат родов јаз помеѓу новинарите и новинарките, исто како и помеѓу уредниците и уредничките, во делот на нивните плати. И покрај тоа што бројот на мажи и жени уредници во МРТ е балансиран, сепак кај техничкиот и реализаторскиот кадар во јавниот сервис биле вработени повеќе мажи во споредба со жени-инженерки, техничарки, монтажерки и слични професии.

Кај комерцијалните телевизии, анализата на ААВМУ покажала дека бројот на мажи на раководни позиции како директори/управители е за четири пати поголем во споредба со бројот на жени кај националните телевизии. Слични податоци се добиени и за телевизиите на регионално и на локално ниво во земјава. Од вкупно 1.208 вработени во телевизиите, 792 се мажи, а 426 се жени. Во делот на новинарскиот кадар, од 379 вработени во телевизиите, 207 се новинарки, а 152 се новинари. Сепак, дури 88 отсто од мажите и жените вработени како новинари/новинарки земале плата помала од 30.000 денари.

„Две-третини од новинарите и новинарките имале примања во телевизиите кои не им обезбедуваат финансиска независност. Не може да се забележи различно вреднуван труд во споредба со родовиот ангажман. Заедничко е што сите имаат исти примања, кои се ниски, изјави Виктор Стојанов од ААВМУ.

Во делот на радио-станиците, од вкупно 304 вработени, 186 биле мажи и 118 жени. Од вкупно 57 раководни лица во радијата, 40 биле мажи, додека само 17 биле жени-управителки.

Сепак, од вкупниот новинарски кадар во радио-станиците (116 вработени), дури 61 отсто биле жени, додека 39 отсто од вработените биле мажи кои работеле како новинари. Разлика во вреднувањето на новинарскиот труд од родов аспект не може да се забележи, но може да се констатираат ниските плати и на новинарите и на новинарките.

Во однос на ваквите резултати, Ѕвездан Георгиевски од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) истакна дека вреднувањето на новинарскиот труд во земјава е на катастрофално ниско ниво, особено во локалните и регионалните медиуми. Во однос на родовиот аспект, тој изјави дека мажите мигрирале на други позиции каде има поголема моќ и капитал.

Во ССНМ добиваат жалби од новинарки во медиумите за вербални напади, но тие не се санкционираат на никаков начин. Георгивски појасни дека често пати ваквите навреди доаѓаат токму од луѓето кои треба да ги санкционираат таквите појави.

Верче Костовска од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изјави дека трендот на напади врз новинарките годинава е зголемен, кои се првенствено вербални онлајн напади. Од 14 напади врз новинари регистрирани во 2020 година, 9 се извршени врз новинарки. Таа објасни и дека новинарките често се среќаваат со лични навреди и сексизам во работата.

Кристина Озимец од Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА изјави дека на податоците објавени во анализата на ААВМУ треба да им се даде подлабок контекст, со цел да се дознае на кои позиции во лидерскиот дел во медиумите се наоѓаат жените. Ако се уреднички во медиумите, тогаш треба да се определи и на кои сектори се поставени, за да се добие појасна слика.

Марина Трајкова од ААВМУ на денешниот настан ги претстави и клучните наоди од анализите на ААВМУ за периодот 2012-2017 година во однос на начинот на известување за родовите прашања во вестите на националните телевизии.

Таа објасни дека постоела помала застапеност на соговорничките во споредба со соговорниците во емитуваните теми на националните телевизии, со исклучок на прилозите за верските празници, каде во главни улоги се јавуваат жените кои се грижат за почитување на обичаите во домот, односно на патријархално позиционирање на жената во домот и семејството.

Инаку, и покрај тоа што бројот на уредници и уреднички бил изедначен во националните телевизии додека новинарките како автори во прилозите биле помногубројни, сепак податоците покажале дека бројот на соговорнички во емитуваните прилози бил помал од оној на соговорниците, додека ставовите на жените биле помалку презентирани, дури и во оние прилози во кои се обработувале родови теми како прашања.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...