Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација упатија јавен повик до Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, да не ги потпише Указите за измените на Законот за основно образование и Законот за учебници, кои според нив претставуваат закани за правата, безбедноста и здравјето на младите во државата.
Во отворено писмо, организациите ја потсетуваат Претседателката на заложбите кои ги изрази по изборот на функцијата – за поддршка на родова еднаквост, човекови права и социјална правда – и ја повикуваат да застане во заштита на младите, жените и маргинализираните заедници.
Според иницијативите, контроверзните законски измени се донесени без вклучување на стручната јавност и младите, и резултираат со укинување на здравствената едукација и бришење на теми поврзани со родова еднаквост и сексуално и репродуктивно здравје од наставните програми. Тие предупредуваат дека тоа може да доведе до зголемување на насилството, дезинформациите и дискриминацијата во училиштата.
Организациите наведуваат алармантни податоци, меѓу кои и фактот дека младите на возраст од 15 до 18 години се најизложени на насилство, како и дека припадниците на ЛГБТИ заедницата се четирипати почесто изложени на малтретирање во образовните институции.
„Државата не смее да ги игнорира реалностите со кои се соочуваат младите. Наместо нивна заштита, се промовираат политики под влијание на радикални и антинаучни структури“, се вели во соопштението.
Во повикот до Претседателката се бара:
- Да не ги потпише Указите за спорните измени;
- Да иницира нивна ревизија и повлекување;
- Да отвори јавна дебата со учество на млади, стручњаци и граѓански организации;
- Да поддржи итна примена на мерки за заштита на децата од насилство;
- Да се заложи за политики базирани на наука, податоци и човекови права.
„Претседателке, сега е моментот да покажете дека Вашата функција има суштинска, а не само симболична тежина“, порачуваат од Платформата и Мрежата.