fbpx

Платформата за родова еднаквост бара расчинување на владиката Петар поради повреда на Уставот

„Со сугерирањето дека жените кои ги бараат своите права треба да бидат подготвени да извршуваат повеќе должности, владиката Петар во суштина тврди дека жените треба да бидат казнети затоа што се залагаат за сопствените права“, реагира Платформата

-

Разрешување на г.Петар од должноста Митрополит и негово целосно расчинување заради повреда на државниот Устав и повреда на основните човекови права и слободи, бара Платформата за родова еднаквост од Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г.Стефан и Светиот Архиерејски Синод на МПЦ ОА – Јустинијана.

Ваквото барање на Платформата следува по неодамнешната изјава на владиката Петар, кој во своето велигденско послание на верниците им порача дека родовата еднаквост „молскавично му се заканува“ на општеството и дека била поопасна идеологија од нихилизмот.

Митрополитот Петар, меѓу другото, во својот говор објавен во петокот рече дека „до феминизмот и еманципацијата на жената, таа била сопруга, мајка и домаќинка, а денес таа е високоеманципирана, со забележителни позиции во општеството, но често и разведена и самохрана мајка“.

Платформата за родова еднаквост која е составена од 28 организации и мрежи кои здружено делуваат во насока на унапредувањето на родовата еднаквост во земјава, преку соопштение реагираше оти е длабоко загрижена од изјавата на владиката Петар во врска со правата на жените и нивната положба во современото општество.

„Иако го почитуваме неговото право на сопствени мислења и верувања, не можеме да прифатиме дека феминизмот е опасна и деструктивна идеологија. Родовата рамноправност е основно човеково право кое е вградено во меѓународната правна рамка и е од суштинско значење за создавање на еднакво општество. Жените и девојките ширум светот и понатаму се соочуваат со системска дискриминација и маргинализација, а феминистичкото движење, предводено од жени и сојузници, има клучна улога во оспорувањето на штетните родови норми, преку застапувањето за родова еднаквост“, велат од Платформата за родова еднаквост.

Оттаму додаваат дека изјавите како таа на владиката Петар служат за овековечување на штетните родови стереотипи и ја зајакнуваат дискриминацијата на жените.

„Со сугерирањето дека жените кои ги бараат своите права треба да бидат подготвени да извршуваат повеќе должности, владиката Петар во суштина тврди дека жените треба да бидат казнети затоа што се залагаат за сопствените права. Ова не само што е длабоко неправедно, туку е и спротивно на принципите на еднаквост и правда што сите ние се стремиме да ги почитуваме“, реагира Платформата.

Разрешување од должноста Митрополит бараат 28 организации здружени во Платформата.

„Ова барање произлегува од непоправливоста на Митрополитот Петар во своето однесување, со кое произнесува ретроградни и антицивилизациски ставови кои се спротивни на христијанството како религија. Воедно бараме да се активира Одлуката на САС на МПЦ за расчинување на Митрополитот г.Петар донесена од Синодот под претседателсво на г.г. Гаврил која е извршна и е стапена во сила на денот на донесувањето 14 јуни 1990 година“, велат од Платформата за родова еднаквост.

Реагираше и платформата „Медуза“, која велигденското обраќање на Митрополитот Петар го опиша како мизогино.

„Во време кога привилегираните десничарски струи ја узурпираат борбата против цензурата, важно е да се нагласи дека правото на критика на верските авторитети и слободна интерпретација на светските книги се основа на слободниот говор. Додека почитта кон верниците во нашата заедница ни е обврска, жените и ЛГБТ луѓето не им должат ништо на верските институции и авторитети кои иницијално не нè почитуваат нас и ни ги загрозуваат нашите права“, пишува во објавата на „Медуза“.

Реакција на говорот на Митрополитот Петар вчера имаше и од министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, како и од здружението „Млади од семејна разновидност“.

До овој момент, МПЦ-ОА не се произнесе со коментар околу случајов, додека нејзиниот портпарол – Владиката Тимотеј, за „Радио Слободна Европа“ изјави оти тоа е лично мислење на Петар „иако не е далеку од вистината“.

„Ние како Црква не сме расправале за тоа, тоа е лично мислење, но не е далеку од вистината“, изјави Владиката Тимотеј за „Радио Слободна Европа“, без да даде појаснување на што точно мисли.

„Сте се запрашале ли како самохран родител го поминува месецот?“ – реакции по велигденскиот говор на владиката Петар

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Никој во последниве години не одговарал и не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“. Мета.мк ги побара податоците од Кривичниот суд за тоа колку пресуди биле донесени...