Платформа за родова еднаквост: Институциите навремено да реагираат и соодветно да ги казнат насилниците

Платформа за родова еднаквост
Платформа за родова еднаквост / фото: социјални мрежи

Платформата за родова еднаквост со поддршка на активистите и протестите кои беа организирани и во Скопје во знак на солидарност за случајот со силуваното 11-годишно девојче во Приштина.

Во реакцијата доставена од организациите-членки на Платформата за родова еднаквост стои дека силувањата, фемицидите и сексуалното вознемирување врз жените и девојките/девојчињата станаа секојдневие насекаде во регионот, каде патријархалните вредности го нормализираат, замолчуваат и охрабруваат самото насилство.

„Ги повикуваме надлежните институции:

1. Навремено да преземаат мерки со кои ќе го превенираат и спречат насилството.
2. Обезбедат ефикасна заштита на жртвите на родово базирано насилство.
3. Воспостават функционални и достапни сервиси, особено шелтер центри, за заштита на жртвите на РБН и семејно насилство, и кои ќе работат според унифицирани стандарди на територија на целата држава.
4. Соодветно да ги санкционираат насилниците“, пишува во реакцијата.

Од Платформата посочуваат дека, EULEX за две години имало 228 пријави за силувања во Косово, но 90% од силувањата остануваат непријавени, што значи дека вистинската бројка е многу поголема. Согласно податоците, во реакцијата е наведено дека во Косово, силувањето се казнува од две до десет години, додека во случаите со малолетници, казната е од пет до 20 години. Според Мрежата на жените на Косово, над 70% од случаите на сексуални напади и силувања во земјата се врз малолетни девојчиња.

„Во знак на солидарност за трагичниот случај на грозоморното силување на малолетно девојче од страна на 5 мажи во Приштина, во Скопје протестот имаше за цел да повика за поголема заштита на девојките и жените од насилство во Македонија и низ целиот регион. Демонстрантите бараа превенирање и заштита на жените и девојчињата од насилство, како и поголема одговорност од страна на институциите и соодветно казнување на насилниците. За жал, непосредно пред протестот, физички беа нападнати еден активист и една активистка, што дополнително говори за доминантната насилничка култура и широката распространетост на одобрување и нормализирање на насилството во нашите општества“, се вели во соопштението.

Оттаму потенцираат дека различните форми на родово базирано насилство се секојдневие и во Македонија, со оглед на тоа што, како што се вели во реакцијата, на 28 август имаше обид за фемицид во Арачиново, кога сопруг пукал во својата сопруга. Неколку недели претходно 46-годишната жена од Неготино почина по четири дена борба за живот, откако нејзиниот партнер ја претепал нанесувајќи и многу тешки повреди на мозокот и черепот.

Според Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, во 2020 година се случиле четири убиства на жени, фемициди.

Во сите овие случаи, претходно било пријавено насилство, но, немало соодветна реакција за заштита на жртвите.

„Изминатиот месец, Платформата за родова еднаквост реагираше неколку пати во однос родово базирано насилство и неговото системско игнорирање. Фемицидот од Неготино ја дополнува поразителната статистика според која повеќе од 80% од жртвите во земјава претходно не пријавиле насилство во надлежните институции. Неколку дена покасно, Платформата алармираше и за непостапувањето од страна на надлежните институции во однос на лицата кои се соочуваат и справуваат со семејно насилство. Родово базираното насилство останува дел од нашата реалност се додека општествено и системски на се адресира и соодветно санкционира“, децидни се од Платформата.

Оттаму потсетуваат дека измените на Кривичниот Законик се сѐ уште блокирани во Собраниска процедура и ги повикуваат пратеничките и пратениците во најбрз можен рок истите да ги стават на дневен ред.

Скопје, Приштина и Тирана на протести за заштита на девојчињата и жените: Властите да ги казнат силувачите (ВИДЕО)