Платформа за родова еднаквост: Бараме резултати за случајот „Јавна соба“ до 8 март, во спротивно ќе протестираме

Протест против случајот „Јавна соба“, 3 февруари 2021 година / Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

Очекуваме кривичен прогон на сторителите на случајот „Јавна соба“ и за полнолетните жртви на случајот, а не само за делото „производство и дистрибуција на детска порнографија“. Бараме итна испорака на резултати на нашите барања, со рок до 8 март, кои ќе ни покажат дека конечно преземате мерки и започнувате со нивна реализација, во спротивно ќе протестираме додека работите не почнат да се решаваат, порача денеска на прес-конференција пред Министерството за внатрешни работи, Бојана Јовановска од Платформата за родова еднаквост, мрежа од здруженија кои работат на унапредување на родовата еднаквост и организаторки на протестите за случајот „Јавна соба“.

„Сакаме да видиме сериозни резултати и сериозна волја, а не само декларативна. Очекуваме кривични пријави од МВР против сторителите од Јавна соба за делата: злоупотреба на лични податоци, посредување во вршење на проституција, загрозување на безбедноста или ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем во зависност од околностите на случајот“ истакна Јовановска.

Таа порача дека воедно очекуваат прочистување и санкционирање на полицијата од полициски службеници сторители на насилство врз жени, непрофесионално постапување или пропуштање да се преземат мерки. Освен ова, побараа и стручна едукација на полицијата за постапување во случај на родово базирано насилство.

Со обраќање до министерот Спасовски, Јовановска изрази жалење поради што, како што кажа, во пракса не гледаат никакво унапредување во постапувањето на полицијата во вакви случаи, иако министерот е веќе два мандати на функцијата.

„Дури и најдобрите закони во областа нема да имаат ефект доколку полицијата продолжи со непрофесионално постапување засновано на лични и произволни ставови со стереотипи и предрасуди. Повеќе не прифаќаме ветувања дека работите ќе се унапредат, ниту прифаќаме изговори и префрлување на одговорноста на други институции. Ние бараме резултати од полицијата, веднаш!“ децидна е Јовановска.

Како што посочи таа, нивното искуство, како организации што нудат бесплатна правна помош за жртвите покажува дека жените не ѝ веруваат на полицијата заради непостапување, недоверба и релативизирање на нивните искуства за насилството. Сето ова се должи, на како што рече, евидентирање на пријавите како поплаки, а за насилниците се изрекуваат само прекршочни санкции и опомени, наместо документирани и аргументирани кривични пријави.

Претставничката на Платформата за родова еднаквост рече дека на маршот на 8 март ќе побараат отчет за сработеното за овие очекувања, како и за барањата што беа истакнати на протестот пред Јавното обвинителство.

Инаку, на почетокот на овој месец Платформата протестираше против случајот „Јавна соба“ и побара од институциите побараа санкционирање на сторителите, поддршка за жртвите, но и вметнување на онлајн сексуалното вознемирување во Законот.

Министерот за правда, Бојан Маричиќ се сретна и разговараше со Ана Колева, девојката која јавно го сподели своето искуство со сексуално вознемирување во групата „Јавна соба“ и ги презентираше законските измени со кои се воведува и ново дело „демнење“ кое ќе биде дополнителна заштита, меѓу другите, и за вакви случаи.

Претходно републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески во интервју за Дојче веле ги поддржа предлозите за дополнување на Кривичниот законик со кривичните дела „демнење“и „сексуално вознемирување“ бидејќи како што рече тој „со употребата на технологијата, интернет комуникацијата, со глобализацијата, се јавуваат и нов вид на кривични дела кои претходно не сме биле ниту во можност да ги предвидиме“.

Последната информација од институциите е дека Министерството за внатрешни работи привело четири лица директни учесници во „Јавна соба“, а истрагата е во тек.

Инаку, случајот со групата „Јавна соба“ е актуелен од минатата година. Неколку девојки и тогаш пријавуваа злоупотреби на нивни слики, а јавноста беше згрозена од содржините кои се споделуваа таму и кои ја покажаа темната страна на затворените групи на интернет.

„Мета.мк“ тогаш разговараше со неколку експерти во областа на образованието, информатичката технологија и на комуникациите. Основачот и директор на компанијата „Инфопроект“, Ванчо Орданоски, рече дека не е случајно што за ваква цел е избрана апликацијата „Телеграм“.

„Изборот на „Телеграм“ не е направен наивно, бидејќи тој се користи за споделување на доверливи информации. Терористи користат „Телеграм“. Тој е енкриптиран, никој не знае кој е корисникот. Органи на прогон не можат да го прислушуваат“, рече тогаш Орданоски.