Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) да го почитува законот врз основа на кој е формирана, што е нејзина основна надлежност и грижа, а сè за да се заштити јавниот интерес, јавно повикуваат од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Оттаму остро реагираат на изјавата на претседателот на ДКСК, Горан Миленков, кој на прес-конференција во средата минатата недела, не им дозволи целосен увид на новинарите во анкетниот лист на поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
„Платформата ја оценува како несоодветна изјавата на претседателот на ДКСК. Неговата постапка, со која на прес-конференцијата одржана на 6 април 2016 година дозволи само делумен увид во анкетниот лист на поранешниот претседател на Владата на Република Македонија, е без законска основа. Со членот 35 од Законот кој носи наслов „Јавност на анкетниот лист“ e уредено дека податоците од анкетниот лист претставуваат информации од јавен карактер, освен податоците заштитени со закон. Тие треба да се објавуваат на веб-страницата на Државната комисија за сите лица наведени во членот 33, став 1. Платформата укажува дека Законот не содржи одредба со која се уредува дека анкетниот лист ќе биде симнат од веб-страницата на Државната комисија по престанокот на функцијата и дека анкетните листови кои во согласност со законот треба да се достават во рок од 30 дена по престанок на функцијата, нема да бидат објавени“, стои во реакцијата на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Од Платформата ги повикуваат и членовите на комисијата да ги објават своите анкетни листови, истакнувајќи дека според членот 50-а од Законот за спречување на корупција, секој член на ДКСК има обврска да го даде анкетниот лист и пријавата за промена на имотната состојба за објавување.
„Би сакале да ја информираме јавноста за нашата загриженост поради односот на Државната комисија за спречување на корупцијата, која и понатаму продолжува со своето изолирано и нетранспарентно работење. Со ваквиот пристап кон работењето и односот кон јавноста, Комисијата како независен државен орган со широка надлежност и овластувања за постапување во областа на борбата против корупцијата, им нанесува штета на угледот и на довербата во интегритетот на овој орган“, велат од платформата.