Платениот син беџ на Твитер е вратен во функција

Фото: Joshua Hoehne, Unsplash

Платената верификација на Твитер е повторно ставена во функција откако минатиот месец беше паузирана поради појавата на имитаторите.

Верификацијата и понатаму чини 8 американски долари месечно, додека корисниците на Твитер кои користат уреди на „Епл“ ќе треба да платат повисока цена од 11 долари, пренесе Би-би-си.

Сопственикот на Твитер, Илон Маск, претходно во низа твитови изрази негодување поради провизијата што „Епл“ им ја наплаќа на своите корисници кога ќе се претплатат на некоја платформа преку нивните уреди.

Меѓу функциите на „синиот беџ“ е и можноста за измена на твитовите. Претплатниците ќе гледаат и помалку реклами, нивните твитови ќе стигаат до поголем број на корисници, а ќе можат да објавуваат и гледаат подолги видеа со подобар квалитет.

Претходно, синиот беџ на Твитер се користеше за потврдување на идентитетот на познати лица, меѓу кои и политичари и новинари. Верификацијата беше бесплатна, а за тоа кои личности или профили ќе бидат верифицирани, одлучуваше самата платформа.

Новиот сопственик на Твитер, Илон Маск, сметаше дека овој начин на потврда на идентитетите е неправеден.

Според најавите на Твитер, беџовите на корисниците ќе бидат и во златна боја за бизнисите и компаниите и во сива боја за институциите и властите.

Според новиот систем, претплатниците кои ќе го променат нивното име или профилните фотографии, ќе го изгубат платениот син беџ, додека Твитер да ги прегледа и одобри промените.

Новата платена услуга создаде хаос на платформата при лансирањето во ноември, кога корисниците почнаа да имитираат големи брендови и познати личности и плаќаа за син беџ за да се претставуваат во нивно име. Многумина го имитираа самиот Илон Маск.

Паузирана платената верификација на Твитер по појавата на бројни измамнички профили